Вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, во интервју за ТВ „Тиквешија“ околу странските инвестиции потенцира дека политиката на Владата е да донесе што повеќе странски инвестиции во сите делови на државата, за да можат да се вработат луѓе од сите градови бидејќи, како што истакна, невработеноста сѐ уште е проблем за некои луѓе.
Запрашан колку луѓе се вработени во економските зони, Ставрески напомена дека околу 5000 луѓе се вработени во зоните или попрецизно околу 4800. Тој додаде дека во следната година треба да се вработат уште 5000 луѓе, што значи дека економските зони ќе вработуваат околу 10 илјади луѓе.
Тој како многу важна инвестиција ја посочи фабриката „Дрекслермаер“ од Кавадарци, која има моментално околу 2000 вработувања, а се очекува да вработи околу 4500 до 4800 вработени. Ставрески се осврна на можноста за аплицирање за вработување во „Дрекслермаер“ и од другите поблиски градови.
– Тоа е одлична шанса за сите граѓани од Демир Капија, Росоман, како и од Велес. Ќе има вработувања за сите оние што имаат волја да работат и да напредуваат. Во тој случај, младите ќе можат да имаат стабилен работен ангажман, да оформат семејство и да напредуваат во животот понатаму – потенцираше Ставрески во интервјуто дадено за телевизијата „Тиквешија“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


