Преку 760 милиони евра се очекува да биде извозот што до крајот на годинава ќе го реализираат компаниите-инвеститори кои моментно работат во технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ) „Штип“, „Скопје 1“ и „Скопје 2“, јавува Економски лидер.
Како што соопшти денеска директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони Виктор Мизо, бројот на вработени годинава во зоните достигна 2.500 за разлика од лани кога беше 1.270. Проекцијата за 2014, само од постоечките капацитети, е 3.500 вработувања.
– Наредната година извозот ќе се зголеми за 50 отсто и ќе достигне до 1,2 милијарди евра. Потенцијално, учеството на извозот од индустриските зони во вкупниот македонски извоз може да биде една третина, нагласи Мизо на средба со новинарите.
Според предвидувањата на ТИРЗ, до 2015 година функционални ќе бидат сите 14 планирани индустриски зони во земјава.
Директорот потсети дека се почнати активностите од првата фаза за зоните во Кичево, Гевгелија и Прилеп, а поставен е и камен-темелникот за зоните во Струмица и Тетово. Догодина ќе се реализираат и активностите за зоните во Радовиш, Струга, Делчево, Берово и Виница.
Осврнувајќи се на сработеното во 2013, Мизо посебно го истакна отворањето на вторите производствени капацитети на „Џонсон Контролс“, „Џонсон Мети“ и „Технохозе“, како и почетокот со работа на „Ван Хул“. Изградба на втор производствен капацитет, посочи Мизо, најави и „Продис“ за април 2014 година.
Одговарајќи на новинарски прашања, Мизо подвлече дека претставувањето на Македонија во врвните светски магазини како Фајненшл тајмс, не е трошок, туку инвестиција. – Вредноста на она што се добива од рекламирањето е поголема од трошокот за организирањеето сите промотивни активности, потенцира директорот на ТИРЗ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.