| четврток, 6 декември 2018 |

Уште една автомобилска компанија во Македонија: турски „Менсан“ ќе прави дискови

mensan

Лидерот за производство на дискови за сопирачки во Турција, компанијата „Менсан“, донесе одлука да инвестира во Македонија.
Компанијата ќе инвестира во Македонија околу пет милиони евра, а со отворањето на фабриката во земјата ќе се отворат 100 нови работни места.

Новата турска инвестиција во индустриската зона „Бунарџик“ во Скопје ја најави во четвртокот директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија, Висар Фида.

– Посебна чест ми е што можам да најавам нова инвестиција од Турција. Се работи за компанијата „Менсан“, којашто е лидер во нивниот сектор во Турција. Оваа инвестиција беше иницирана од страна на нашиот промотор во Турција, Алев Сулејман. По неколку месечни преговори денеска претставниците од компанијата донесоа одлука да инвестираат во Македонија – изјави Фида.

Претставниците од турската групација истакнаа дека една од главните причини поради која се одлучиле да инвестираат во Македонија е нивната визија за развивање на компанијата во Европа.

– Ние како групација „Менсан“ од Маниса произведуваме дискови за сопирачки и сме една од најголемите компании во Турција. Како групација продолжуваме со наше инвестирање во Турција и надвор, а денеска донесовме одлука да инвестираме во Македонија. Најголема причина за нашето инвестирање во Македонија е тоа што оваа земја e доста динамична. Посебно добрата намера на официјалните претставници на Македонија ни влијаеше врз нашата одлука за инвестирање во земјата. Нашата инвестиција ја гледаме како една врата за отворање кон Европа.Тука сметаме дека ќе го развиеме нашето производство на дискови за сопирачки со што ќе имаме поблизок пристап до европските земји – истакна претставник од компанијата „Менсан“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top