Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Виктор Мизо синоќа во Кавадарци најави дека во првиот квартал од наредната година ќе има околу десетина фирми, кои ќе ги објават веќе донесените одлуки за инвестирање во Македонија.
Според него, најважно е, што се трудат инвестициите да ги има низ целата држава, „Џонсонс контролс“ во Штип, „Кромберт и шуберт“ во Битола, „Дрекслмаер“ и сега „Кофикабс“ во Кавадарци. Американска компанија што ќе произведува воздушни перничиња, најави, планира да отвори околу илјада работни места во Кичево.
Мизо најавувајќи инвестиции и низ други региони во државата истакна дека тоа се прави за луѓето низ целата држава да ги почувствуваат бенефитите од, како што рече, нашето седумгодишно работење.
Претседателот на Комисијата за економија и финансии при Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Кавадарци, Илија Тренчев, подвлече дека влијанието на директните странски инвестиции е многу поволно.
– Тоа се докажува преку фабриката „Дрекслмаер“ и веќе најавената „Кофикабс“, како и другите инвестиции низ другите градови во Македонија – нагласи Тренчев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.