| четврток, 6 декември 2018 |

Куновска: Со економски подем до подобар Карпош

Ветувам дека ќе бидам градоначалник кој ќе знае да ги препознае потребите на граѓаните и да понуди решение. Со овие зборови денес на присутните во Драмскиот театар им се обрати кандидатот за градоначалник на Карпош од ВМРО-ДПМНЕ, Јагнула Куновска промовирајќи ја својата програма, информира порталот „Курир“

jagnula
Со над 50 крупни проекти, Куновска ќе се залага за економски развој на Карпош преку отворање на нови работни места, грижа за секоја категорија на граѓани и подобрување на нивните услови за живот во општината.

-На Карпош му е потребен економски развој и нови работни места и затоа ќе се насочиме кон изградба на економска зона кај Бардовци за поттикнување на економскиот развој и привлекување на странски и домашни инвестиции во општината . Предвидено е економската зона да се изгради на потегот околу пругата кај село Бардовци, со што ќе се искористат поволностите од постојаната железничка инфраструктура, нагласи Куновска.

Таа посочи дека планирана е реконструкција на студентскиот дом „Гоце Делчев“, изградба на нова градинка, но и изградба на два станбени објекти за млади брачни парови кои ќе се продаваат под поволни услови.

Куновска која истакна дека домаќински ќе ја води општината најави изградба на пензионерски домови, нов модерен Драмски театар, локален пазар на раскрсницата во Злокуќани кон Бардовци, како и голем православен храм.

Реконструкција на здравствените демови се дел од програмата која вечерва ја презентираше кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за Карпош.

-Предвидуваме целосна реконструкција на психијатриската болница Скопје, како и изградба и опремување на нова зграда на Институто за белодробни заболувања, а во план е и целосно реновирање на Градската општа болница „8-ми Септември“, потенцираше Куновска.

Таа додаде дека ќе биде извршена реконструкција и проширување на третиот дел од булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, ќе се уредува коритото на Вардар, а замените ќе бидат сите покриви изработени од азбест.

Куновска потенцираше дека покрај предвидени 50-тина крупни проекти, паралелно ќе се проведуваат и други тековни помали проекти, но од голема важност за граѓаните.

-Ќе ги решаваме напластените проблеми со кои се соочуваат граѓаните преку вложување во инфраструктурата, изградба на патишта, водоводна и канализациска мрежа, решавање на сообраќајниот хаос. Нашата цел е облагородување на просторот со нови паркови, шеталишта, спортски терени, забавни паркови за најмладите. Да создаваме заедно повеќе простор каде што нашите деца и внуци безгрижно ќе растат и ќе се развиваат, ќе напредуваат и ќе остваруваат успеси во својот живот, истакна Куновска.

Таа побара поддршка од граѓаните за локалните избори бидејќи, како што нагласи, програмата е изработена од сите граѓани на Карпош, за граѓаните на Карпош.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top