| четврток, 6 декември 2018 |

Прашањата за екстерно тестирање од вечерва на интернет

Прашањата за екстерно тестирање од вечерва ќе бидат достапни на интернет. Во јануари ќе полагаат само матуранти и оние што завршуваат средно образование со трета година.

Министерот за образование и наука го презентираше системот кој од денес ќе биде јавно достапен на интернет и ги демантираше информациите кои се појавија од одредени наставници и училишта дека екстерно тестирање ќе полагаат и осмоодделенците.

Секој ученик, наставник и родител ќе може да ги види прашањата. Треба да се избере година на средно образование (трета или четврта), струка и предмет. Потоа прашањата може да се симнат во ПДФ-формат.

Може да се пријави и неправилност за одредено прашање, за неговата содржина или одговор. Пријавите ќе се примаат до 10 јануари, а потоа ќе бидат детално разгледувани од стручен тим. По анализата, ако има потреба, ќе се направат и промени во прашањата.

Има простор и за општи забелешки, за системот и за тестирањето.

Прашањата се достапни на македонски, албански и на турски јазик.

Матурантите ќе полагаат екстерно тестирање на 22 и на 24 јануари. Сите останати генерации, од трето одделение до трета година средно образование, ќе полагаат во истиот период како минатата година, околу крајот на учебната година.

Стивнаа негативните реакции во јавноста за екстерното тестирање. Проектот кој минатите години беше претставуван како негативен, сега е многу повеќе прифатен од јавноста, учениците, родителите и училиштата.

Од Министерството за образование сметаат дека екстерното тестирање е важно да се спроведе затоа што е систематско мерење и набљудување на постигнувањата на секој ученик одделно, учителите и наставниците, сите училишта како целина и националниот образовен систем. Исто така, бидејќи со екстерното тестирање се обезбедува јасни и објективни статистички податоци и затоа што екстерните тестови се прават во согласност со целите на рационалните програми, а резултатите од екстерните тестови понатаму директно влијаат врз образовните политики на државата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top