
Откако генералниот директор на турската „Халкбанк“, Сулејман Аслан, кој минатата недела беше уапсен под обвинение дека земал мито изјави дека парите што биле најдени кај него дома биле донација за Меѓународниот балкански универзитет во Македонија, Универзитетот излезе со тврдење:
-Во работењето и реализирањето на целите на нашиот Универзитет значителна улога имаат и донациите на разни добродетели. Од денот на неговото основање, сите донации кон МБУ се уредно реализирани, истите се евидентирани во банкарските сметки на МБУ и поминале низ сите законски процедури и под секаков надзор на државните органи, а кои во целото досегашно работење на Меѓународен балкански универзитет констатирале правилно постапување на нашиот Универзитет при извршување на сите законски обврски.
Турските медиуми објавија дека уапсениот Аслан во својата одбрана изјавил дека синот на пратеникот Хусеин Бурге, кој е претседател на Фондацијата основач на Универзитетот, донел кај него 1.950.000 евра, бидејќи не можел да ги испрати поради законски пречки во Македонија.
– Парите не можеа да се трансферираат во Македонија, останаа кај мене дома. Ако ги ставев во банката, требаше да се наведе во чие име се ставаат и зошто, а тоа треба да се направи со записник во писмена форма. Затоа овие пари ги чував дома. Дел од средствата во висина од 950.000 евра успеавме со тешкотии да ги однесеме во Македонија. Другите 1.000.000, кои останаа кај мене, сега се запленети – изјави Аслан.
Според информациите, полицијата во домот на Аслан пронашла 4,5 милиони долари скриени во кутии за чевли.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


