| четврток, 6 декември 2018 |

Сарачини: Успешна година за македонското рударство

Министерот за економија, Ваљон Сарачини, пред почетокот на седницата на Македонската асоцијација за рударство (МАР) истакна дека за рударството во Македонија 2013 година беше успешна, а во наредната година се планира реализација на многу проекти, меѓу кои и нов закон за минерални суровини и наоѓање странски реномирани компании кои ќе направат целосно скенирање на рудното богатство за да се изнајдат нови наоѓалишта.

Сарачини прецизира дека во 2013 година се доделени 93 концесии за детални геолошки истражувања и за експлоатација од кои само во првите девет месеци од годинава има приходи од 600 милиони денари.

– Во секторот рударство во 2013 година се отворени и 530 нови работни места и се бележи зголемен раст од речиси 7 отсто во однос на претходната година. Може да се констатира дека 2013 година беше доста успешна година. За 2014 година планираме нов закон за минерални суровини и да најдеме странски реномирани компании кои ќе направат темелно истражување на рудното богатство за да се изнајдат нови наоѓалишта кои ќе бидат предмет на доделување концесија – рече Сарачини.

Тој најави дека Владата и во 2014 година ќе ги санкционира сите концесионери кои не вложуваат многу во делот на заштита на вработените во рударството.

– Во тек е интензивна акција и секаде каде што ќе се констатира дека рударите работат во мизерни услови, концесионерите ќе се соочат со казни во согласност со законските одредби – потенцира Сарачини и упати апел компаниите повеќе да инвестираат во делот на заштита на работа во 2014 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top