| четврток, 6 декември 2018 |

Вечерва ќе се додели меѓународната награда „Табернакул“ на Памук и на Ерофеев

Составен дел на наградата „Табернакул“ е објавување на дела од секој лауреат. По тој повод, во печат излегоа романот „Немиот дом“ во превод на Илхами Емин од Орхан Памук и книгата есеи „Наивниот и сентименталниот романописец“ во превод на Андриана Драговиќ, како и романите „Руска убавица“ во превод на Бобан Здравковски Андреевски и „Акимудија“ во превод на Драган Михајловиќ и на Мирјана Наумовски

Orhan-Pamuk-i-Viktor-Eropeev-1-za-gore

Вечерва, во 20 часот, во новиот објект на Македонскиот народен театар (МНТ) ќе биде свечено доделена меѓународната книжевна награда „Табернакул“, која е под покровителство на Владата на Република Македонија, а добитници оваа година се нобеловецот, турскиот писател Орхан Памук, и рускиот автор Виктор Ерофеев.

За добитниците на наградата одлучуваше книжевната академија „Табернакул“ во состав: Ферид Мухиќ, Горан Стефановски, Венко Андоновски, Цветан Враживирски и ланските добитници на наградата Милан Кундера и Љубивоје Ршумовиќ. Книжевната награда Табернакул ја претставува бронзена скулптура, чијшто автор е академскиот вајар Горан Стаменков. Лауреатите, исто така, добиваат и златник од Книжевната академија Табернакул, како и паричен износ од 5.000 евра.

Составен дел на наградата „Табернакул“ е објавување на дела од секој лауреат. По тој повод, во печат излегоа романот „Немиот дом“ во превод на Илхами Емин од Орхан Памук и книгата есеи „Наивниот и сентименталниот романописец“ во превод на Андријана Драговиќ, како и романите „Руска убавица“ во превод на Бобан Здравковски Андреевски и „Акимудија“ во превод на Драган Михајловиќ и Мирјана Наумовски.

Orhan-Pamuk-i-Viktor-Eropeev-3

Годинашните добитници Орхан Памук (лево) и Виктор Еврофеев

На вечерашното доделување на наградите беседа за Памук ќе одржи Мухиќ, а за творештвото на Ерофеев ќе говори Андоновски.

– Наградата е исклучително приватна идеја на „Табернакул“ и на неколкумина пријатели поврзани со оваа издавачка куќа. Прашањето е зошто да чекаме да нѐ наградуваат, кога можеме ние да доделуваме награди. Со тоа добитниците се запознаваат со Македонија, со пишаниот збор на нашата земја, со традицијата и културата, се интересираат за неа – изјави професор Андоновски.

Тој е член на Академијата „Табернакул“ и објасни дека секој добитник на наградата подоцна и станува член на тоа тело, кое треба да прерасене во академија на убавиот збор.

– Во Македонија само наградата на Струшките вечери на поезијата има меѓународно значење. Нашата е втора. Ние не се ограничуваме само на проза, туку награда може да добијат и драматурзи, есеисти – објаснува Андоновски.
Оваа наградата се доделува вторпат, а лански добитници беа српскиот поет Љубивоје Ршумовиќ и светски познатиот писател Милан Кундера.

– Списокот на главните инспиративни извори од светската романескна продукција, со оглед на нагласено ерудитско образование на Орхан Памук, опфаќа практично недогледно поле. Доколку ги издвоиме само најсилните врутоци, тогаш тука, делумно од тие кон кои самиот упатува, делумно, пак, од тие што можат да се препознаат како имплицитни, ги вклучува Томас Ман, Хорхе Луис Борхес, Марсел Пруст, Вилијам Фокнер, Роберт Музил, Херман Брох… И по вокација и по професија Орхан Памук е писател. Материјал за неговите книги не е животот, туку рефлексиите за животот. Најголем дел од денот (а животот е тоа што ни се случува во текот на денот! ) го минува седнат на работната маса, со радост и со мака, како што вели самиот. Пишува максимално посветено, внимателно, со целосна верба во секоја своја книга. Негова најголема радост е пишувањето, а за своја најголема животна привилегија го смета фактот што цел живот го прави тоа што најмногу го сака откажувајќи се од сето останато – вели Мухиќ за творештвото на Памук.

Голем писател не е само тој што пишува вредни дела, затоа што вредни дела можат да напишат и епигоните, кои работат во рамките на веќе установена книжевна школа, туку, пред сè, тие што ќе го свртат текот на книжевната историја, смета Андоновски.

– Руските формалисти нè учеа дека формата умира во рацете на епигоните и дека понекогаш се случува со пародија и иронизација на старите форми да се добие сосема нова книжевна форма и неочекуван тек на националниот книжевен организам. Токму таква магистрална личност, таква магистрална појава што го менува текот на современата руска книжевност чествуваме вечерва: Виктор Ерофеев. Неговиот книжевен стил се потпира на постмодерно колажирање, а неговиот свет на идеи е палета и жив разговор меѓу неколку филозофски струи: филозофијата на песимизмот на Лев Шестов, персонализмот на Берѓаев, егзистенцијализмот на Сартр и на Достоевски. Станува збор за автор од светски калибар, автор на „полифонични“ прозни дела во кои секоја линија „разговара“ и „полемизира“ со другите, на исклучително препознатлив ерофеевски начин – говори Андоновски за творештвото на Ерофеев.

 

фото: Ѓорги Личовски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top