| четврток, 6 декември 2018 |

Копа: Се надевам 2014 година нема да биде мртов период за македонската евроинтеграција

Marija-Eleni-Kopa

Грчката европратеничка Мариа Елени Копа смета дека повторното неодредување датум за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ нема да предизвика „нејзино свртување од ЕУ“ зашто земјата е тесноповрзана со Унијата. Марија Елени Копа, која во Европскиот парламент беше известувач за стратегијата за проширување на Европската унија, во интервју за „Дојче веле“ неодредувањето датум за преговори на декемврискиот самит на ЕУ го објаснува со предизборниот период во кој се наоѓаат европските институции.

 – Се наоѓаме на крајот од мандатот затоа има помалку инсистирање на наоѓање креативни решенија за прашањето со името – вели Копа.
Притоа европратеничката за која се појавија шпекулации дека била вклучена во тајните дипломатски преговори меѓу Македонија и Грција во времето кога Јоргос Папандреу беше премиер се надева дека периодот во кој Македонија нема да преговара нема да биде мртов период.
– Се надевам дека 2014 година нема да биде „мртов период“ и дека, сепак, ќе биде направен чекор напред – наведува Копа.
И покрај тоа што Македонија по петтата препорака од ЕУ не доби датум за преговори, Марија Елена Копа не верува дека тоа ќе предизвика „свртување на земјата од Европската унија“ и оти таа може да се определи кон други партнери.
– Не верувам во тоа. Не верувам бидејќи оваа земја е многу поврзана со Европската унија. Таа одржува тесна соработка со неа.
Се разбира има прашања кои треба да бидат решени, кои ни се познати на сите, но нејзината ситуација не може да се споредува со тоа што се случува на друго место, како Украина, која е расцепена меѓу Русија и Запад, што не е случај со нашиот сосед, вели Копа.
Прашана зошто Грција е толку непопустлива и не ѝ дозволува на Македонија да ги почне преговорите за членство во ЕУ, грчката европратеничка од редовите на ПАСОК одговара дека тоа е поради прашањето за името.
– За нас не е можно да отвориме преговори и со тоа да внесеме проблеми во Европската унија. Ние сакаме јасна позиција и само потоа сме подготвени да дискутираме, го изнесува јасно познатиот став на сите грчки политичари, без разлика на нивната партиска припадност.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top