Од режисерот Мартин Скорсезе, познат по своите филмови во кои го истражува американскиот свет на криминалот, ни доаѓа филмот „Волкот од Волстрит“. Во него тој ги истражува крајностите на мрачниот свет од големите финасиски трансакции, брокерство и изнуди. Резултатот е епско патување во опседнатост и опиеност – лакомост, адреналин, секс, дрога и постојано добивање и губење на лесно заработените пари.
Филмот се темели на вистинита приказна за неверојатните подеми, голема заработка и живот на висока нога, како и постојаната потрага по уживање кое го предизвика падот на Џордан Белфорт (Леонардо ди Каприо). Тој е богат брокер од Њујорк, кој заедно со својата весела банда на брокери баснословно ќе се збогати измамувајќи ги инвеститорите и изнудувајќи им милиони.
– Приказната на Џордан и припаѓа на американската фасцинација на подеми и падови – гангстерската традиција – изјавува Скорсезе. Меѓутоа, Џордан ја презема оваа гангстерска традиција и ја менува. Тој не се крие од законот, туку го покажува своето незаконски здобиено богатство на сите можни начини – и практично моли за казна, која на крајот ќе го уништи неговото мало царство.
Во четврток на репертоарот на „Синеплекс“ ќе се најде и омилената норвешка божикна приказна режирана од Нилс Гауп, „Патот до божикната ѕвезда“ синхронизиран на македонски.
Храброто девојче тргнува на опасно патување во потрага по божикната ѕвезда за да го ослободи кралството од клетвата и да ја врати одамна загубената принцеза, но моќните непријатели се обидуваат да ја спречат. Божикна авантура за целото семејство сместена во величествената зимска земја на чудата. Обидувајќи се да избега од бандата крадци, 14-годишната Соња се крие во замокот на кралот каде што ја наслушнува тажната приказна што тој ја раскажува: откако ќерка му, малата принцеза Златокоса исчезнала во мрачната шума барајќи ја божикната ѕвезда, кралот скршен од тага, го проколнал предметот на нејзината катастрофална потрага. Само ако ја најде ѕвездата, што клетвата ја изгасила, во текот на останатите неколку дена пред Божик, Златокоса ќе се врати во замокот – во спротивно, таа ќе биде засекогаш загубена.
На ова возбудливо патување Соња наоѓа многу магични помошници. Шумските џуџиња и го покажуваат патот кон божикната ѕвезда сè до Северниот Пол! За да стигне дотаму мора да јава на грбот на големата кафена мечка пробивајќи се низ северниот ветар. Како може нежно девојче како Соња да издржи така опасно патување?
На репертоарот ќе се најде уште една интересна анимирана авантура, приказната за зебрата „Кумба 3Д“. Можеби е роден со половина шари, но на оваа авантура ќе покаже дека тој е зебра и пол! Оваа зебра мора да ги заслужи сите шари на своето тело.
Отфрлен од своето празноверно стадо, полупригавиот Кумба ја почнува најопасната мисија. Кога ќе открие дека му се заканува опасен леопард, тој ќе мора да собере доволно снага и самодоверба за да ги спаси сите животни на Големиот Кароа.
– Кумба за мене од почетокот беше многу лична приказна, но набрзо сфатив дека се работи за универзална тема. Кога почнав да им ја раскажувам приказната на луѓето околу мене, веднаш штом ќе кажев: „Се работи за полупругава зебра…“, сите почнуваа да сочуствуваат со ликот. Значи беше потребен еден податок – дека е поинаков, дека не се вклопува – вели режисерот Ентони Силверстон.
– Верувам дека тоа е причината што многу од нас не се чувствуваат удобно во своја кожа. Може тоа да биде нешто што нам лично не ни се допаѓа– одвнатре или однадвор – и растеме мислејќи дека кога тоа не би било дел од нашиот живот сè би било во ред и полесно. Но кога ќе воочиш дека нешто можеш да промениш, а некои други работи мораш да ги прифатиш – тогаш спознаваме дека она што отсекогаш ни пречело тоа, всушност, ни помогнало да бидеме тоа што сме, дека тоа е тоа што нè обликувало на позитивен начин – додава тој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.