| четврток, 6 декември 2018 |

Заталкан куршум оштетил покрив на тераса во Гостивар

Заталкан куршум, вчеравечер околу 22 часот, го пробил покривот од летната тераса на угостителскиот објект „Обама“, на улица „Браќа Ѓиновски“ во Гостивар, информираат од СВР Тетово.

Иако во локалот имало гости, нема повредени.

Куршумот го оштетил дрвениот дел и церадата, по што завршил на подот. По пријавувањето извршен е увид и се расветлува кој, од каде и зошто пукал.

Од СВР Тетово апелираат до граѓаните да се воздржат од употреба на огнено оружје при веселбите, како и петарди и други пиротехнички средства, огномети и слично.

– На тој начин не само што ќе го нарушат јавниот ред и мир, туку можат да предизвикаат и други, посериозни несакани последици, но и ќе се соочат со соодветни поднесоци. Казните за ваквите прекршоци или кривични дела, зависно од последиците и вкупните околности се мошне ригорозни. Затоа на граѓаните им се советува достојно и безбедно да прославуваат, без пукање и други видови нарушувања на јавниот ред и мир – вели портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top