Шампионот во НБА-лигата, Мајами хит, на чудесен начин се спаси од пораз против Атланта на нашиот Перо Антиќ. По едно продолжение Хит победи со 121-119. Ова е втор пораз за Хоукс од Мајами, а Антиќ одигра нешто послабо во однос на првиот дуел. И тогаш „жешките момци“ победија со 104-88, а македонскиот репрезентативец одигра 15 минути со ефект од одлични 12 поени. Ноќеска Перо не постигна ниту еден поен за четири и пол минути игра.
Во финишот на регуларниот дел гостите од Атланта влегоа со огромни 7 поени разлика, но лесно ги прокоцкаа. На 90 секунди до крајот Атланта водеше со 107-100, а, сепак, домаќините се изборија за дополнителни 5 минути. Мирна беше раката на искусниот Реј Ален, кој погоди три слободни фрлања на 9 секунди пред крај на регуларниот дел за нерешени 111-111.
Во продолжението Леброн Џејмс продолжи да погодува, стигна до извонредни 38 поени, комбинирани со 8 скока и 6 асистенции. Ален постигна 19 поени. Кај Атланта, Џеф Тиг беше најефикасен со 26 поени, а Милсап е веднаш зад него со 25 поени и 10 скока.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


