Американскиот претседател Барак Обама вчера, конечно, се пријави за здравствената реформа која го носи неговото име, и притоа го одбра најевтиниот можен план.
Потегот на претседателот Обама е симболичен – тој сѐ уште ќе може да смета на услугите на најдобрите лекари обезбедени и финансирани од страна на армијата на САД.
Сепак, претседателот во иднина месечно ќе плаќа по 400 долари за да се покрие себеси.
Осигурувањето не се однесува на сопругата Мишел и ќерките Маја и Саша.
Обама, кој е на семеен одмор на Хаваите, не се пријавил самиот, туку тоа за него го сториле неговите помошници. Веб-страницата на Обамакер, и покрај неколкумесечните интензивни напори да биде сервисирана и пуштена во нормална работа, сѐ уште се соочува со чести прекини и грешки при пријавувањето, како и со предупредувања за безбедноста на податоците кои ќе бидат внесени.
– Претседателот со задоволство сака да учествува во овој план како негов израз на поддршка за програмата која обезбедува квалитетна, достапна здравствена заштита за милиони луѓе – изјави претставник на Белата куќа. Обама често беше критикуван затоа што самиот тој, или неговите советници во Белата куќа, не сакаат да се осигураат преку Обамакер.
Првиот ден до кога Американците можеа да се пријават за „Обамакер“ за нивното осигурување да почне на 1 јануари. Од следната година почнуваат повеќе рокови до кои сите Американци мораат да купат осигурување според „Обамакер“, а во спротивно се соочуваат со парични казни. Досега само околу 365.000 граѓани се пријавија за програмата, чија цел беше да осигура околу 30 милиони граѓани кои се смета дека се без осигурување.
Дополнително, повисоките критериуми на заштита кои се дел од „Обамакер“ доведоа до тоа да бидат поништени осигурителните полиси за над 5 милиони Американци кои досега беа осигурани.
Поради поразителните бројки, популарноста на претседателот Обама почна да опаѓа, а некои од неговите сојузници се дистанцираат од „Обамакер“. Демократскиот сенатор Џо Манчин, застапник на Западна Вирџинија, предупреди дека се заканува катастрофален неуспех на „Обамакер“.
– Доколку „Обамакер“ се покаже поскапа отколку што предвидувавме, и ако услугите кои се нудат не се еднакво добри како тие што го имавме досега, тогаш ќе имаме комплетен колапс. Реформата може да пропадне под својата сопствена тежина – изјави Манчин.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.