Само два дена по неговото ослободување од руски затвор, Михаил Ходорковски од Берлин се заложи за ослободување на останатите политички затвореници во Русија, но порача и дека нема политички да се активира, пренесува Дојче веле.
На прес-конференција 50-годишниот Ходорковски вели дека не е симбол дека повеќе нема политички затвореници во Русија. Тој додаде дека ќе стори се’ што може за да осигура дека ќе бидат ослободени и останатите.
Како и да е, поранешниот нафтен тајкун Ходорковски рече дека „нема да се вклучува во битка за власт“ во Русија. Првпат кога слушнал дека би можел да биде ослободен било на 12 ноември, кога адвокатите му рекле дека поранешниот германски министер Ханс-Дитрих Геншер „рекол дека претседателот Путин нема да постави услов за помилување со признавање на вината“ од страна на Ходорковски. Сега стана јасно дека германскиот дипломатски ветеран со години работел од позадина на неговиот случај. Ходорковски на денешната прес-конференција неколкупати му се заблагодари на Геншер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.