| четврток, 6 декември 2018 |

Симон Трпчески ќе одржи концерт во Прага

Пијанистот Симон Трпчевски заедно со Прашката Филхармонија вечер ќе настапи во престижната нео-ренесансна концертна сала
во Рудолфиниумот во Прага, јави дописникот на МИА.

Трпчески ќе се претстави со Концертот за пијано и оркестар на македонскиот композитор Дамир Имери насловен како Јужен Божик, кој на чешката сцена ќе ја доживее светската премиера. На програмата е и Концертот број 2 на Сен Санс.

Со Прашката Филхармонија ќе диригира шеф-диригентот Јакуб Хруша. Проектот за изведба на делото е поддржан од македонското Министерство за култура, меѓународната агенција „ИМГ Артистс-Лондон“ и Здружението за култура и уметност „КултурОп“.

Амбасадата на Република Македонија во Прага се вклучи во организацијата на денешниот настап на Трпчески, поканувајќи ги амбасадорите на сите земји членки на Европската Унија и амбасадорите од државите соседи на Македонија, како и други политички претставници.

– Амбасадата на Република Македонија во Прага силно ја поддржува соработката во областа на културата меѓу Македонија и Чешка, бидејќи таквата соработка помага во продлабочувањето и зацврстувањето на нашето партнерство со Чешка. Музиката е универзален јазик на човештвото и концертот на Симон Трпчески во чешката метропола е одличен пример како музиката може да гради цврсти мостови на културата меѓу нашите народи, изјави за МИА, македонскиот амбасадор во Чешка, Паскал Стојчески.

Тој додаде дека концертот се одржува во вистинско време, како најава за планираните многубројни културни активности идната година, по повод одбележувањето на 20- годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Република Македонија и Чешката Република.

По завршување на концертот, во салата Рудолфинум, македонската Амамбасада ќе организира прием на кој ќе се служи македонско вино.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top