
Судири меѓу земјоделците и полицијата избувнаа во петокот во грчката престолнина Атина за време на протестите против зголемувањето на данокот на недвижнини, при што фармерите ги нападнаа полициските кордони со портокали на што им беше одговорено со солзавец при нивното растерување од централниот плоштад Синтагма пред парламентот.
Протестите во кој е повреден еден демонстрант, грчките земјоделци ги одржаа под мотото „Земја и слобода” и беа насочени кон парламентарната расправа по предлог законот за данокот на недвижнини, според кој ќе се оданочува поседувањето земјишни парцели илјада квадратни метри.
Во главниот град Атина на протестите во петокот учествуваа земјоделци и фармери од Крит, Пелопонез и други грчки региони. Тие на Синтагма донесоа два тона портокали коишто ги разделија меѓу демонстрантите и на случајните минувачи. Според организаторите на протестот учествувале повеќе од илјада луѓе, но атинската полиција соопшти дека ги имало трипати помалку.
Со новиот данок најмногу ќе бидат погодени малите земјоделци, со што целосно ќе биде поткопано грчкото земјоделие, тврдат демонстрантите.
Откако еден час протестираа на плоштадот Синтагма, демонстрантите се обидоа да дојдат поблиску до влезот во парламентот, но полицијата ги блокираше приодите. Откако пропадна обидот на демонстрантите да ја убедат полицијата да ги пропушти нивните претставници, започнала канонадата со портокали.
Веднаш потоа полицијата започна да ги потиснува демонстрантите од пред парламентот, и според соопштението, употребила солзавец откако земјоделците се обидела да се спротистават. Притоа еден од демонстрантите се здобил со повреди во главата по што бил пренесен во болница со возило на брзата помош . Иако полицијата попладнето го расчисти плоштадот Синтагма, земјоделците соопштија дека не си заминуваат и ќе го чекаат исходот од гласањето за нацрт законот за данокот на недвижен имот.
Конзервативно-социјалистичката коалициска влада на Грција планира да воведе нов данок, што беше жестоко критикувано од сите опозициски партии, иако владата тврди дека законот ќе овозможи да се собираат даноци од богатите сопственици на големи недвижнини, а посиромашните ќе плаќаат помалку.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


