Владиката г. Петар покренува нови судски спорови во Австралија, овој пат лично против членовите на црковниот одбор на „Света Петка“ од Рокдаил во Австралија. Бара од нив да се откажат од членство во Управниот одбор на црковната заедница, во спротивно ќе ги тужи. Првата тужба, откако одбил да ја напушти функцијата, ја добил генералниот секретар на црквата „Света Петка“, јави Прес24.
Игор Александров, претседател на македонските црковни заедници, вели дека на тој начин Владиката Петар врши притисок врз членовите на управниот одбор за да го преземе управувањето со црковната општина.
– Новите тужби претставуваат опасност и за позитивниот процес за историскиот договор со Синодот за регистрирање на Македонската православна епархија, како посебно правно лице во Австралија, со учество на оние 14 храма, кои сега се под надлежност на г. Тимотеј – објаснува Александров.
Црквата „Света Петка“ по минатогодишниот договор меѓу Синодот и црковните заедници остана во недефиниран статус, со заклучок дека по завршувањето на судските спопрови, Синодот ќе одлуучи во чија надлежност ќе припадне. Пред некој месец заврши процесот според кој судот одлучи дека владиката Петар има право да служи во црквата и да го именува свештеникот, но со имотот остана да управува црковниот одбор.
Александров вели дека Македонците во Австралија се револтирани од најновите тужби, и се подготвени да ја реализираат идејата за формирање независна задгранична црква на МПЦ.
– Додека ние работиме на дијалог со МПЦ за основање на првата Македонска православна епархија во Австралија, владиката Петар отпочна нов судски процес за разнебитување на имотот и поставување свои послушници. Целта на Петар е да го препише имотот на свое име и на некои други приватни лица. Апелирам до Светиот Архерејски Синод и сите кои влијаат врз одлуките на Синодот, веднаш да го принудат владиката Петар да престане со новите судски постапки и ако тоа тој не го направи, апелирам Синодот веднаш да го повлече барем од надлежностите на Св. Петка и да ја стави под надлежност на Синодот и потоа тој да го решава тоа – вели Александров.
Владиката Петар, пак, вели дека бараат судот да донесе одлука да се свика Генерално собрание, каде треба да се избере нов Управен одбор.
– Одржувањето на собранието е редовна процедура, на крајот на секоја година, но тие не сакаат да го направат тоа за да не ги изгубат ингеренциите и позициите. Сега со црквата управуваат малку луѓе, кои не ги примаат верниците, што мене ме поддржуваат -објаснува г. Петар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.