Дваесет и едно лице побарало медицинска помош во тетовската болница, а шест се задржани на лекување, меѓу кои и тригодишно дете по пожарот кој избувна попладнето во седумкатница во Тетово. Во потешка состојба се наоѓа тримесечно бебе кое било префрлено во Клиничкиот центар во Скопје.
Според информациите од Центарот за управување со кризи, сите станари кои побарале лекарска помош во болницата во Тетово се надвор од животна опасност.
Сите други станари од зградата се згрижени кај свои роднини и пријатели, освен едно лице кое е во касарната во Тетово.
Пожарот избувна попладнето околу 14 часот во подрумските простории во зградата, по што чадот брзо се раширил низ влезот поради што станарите биле оневозможени да се евакуираат на време, а тоа предизвикало и голема паника. Пожарникарите успеале да го стават под контрола огнот околу 19 часот. Во гаснењето на пожарот учествувале 60 пожарникари.
Причините за пожарот се уште не се познати.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.