Велика Британија во 2016 година ќе пушти во оптек пластични банкноти што ќе можат да издражат и перење во машини за перење алишта, соопшти денеска Банката на Англија.
Овие банкноти остануваат почисти од сегашните направени од хартија, но и побезбедни, а ќе може да останат во употреба до 100 години.
Први на британскиот пазар на пари ќе се појават банкнотите од пет фунти, со ликот на пораншниот премиер Винстон Черчил, кои се и најмногу во употреба.
Досега 20 земји имаат воведено пластични банкноти за своите национални валути. Прва со оваа новина беше Австралија, која вакви пари има уште од 1988 година. Нејзниот пример го следеа Нов Зеланд, Мексико, Сингапур, Фиџи и Канада. Во август оваа година, пластични банкноти воведе и Маврициус.
Претставник на Банката на Англија изјави дека во истражувањето што е направено со 13.000 луѓе, дури 87 отсто ги поддржале пластичните банкноти. Само шест отсто од учесниците во истражувањето се определиле за задржување на сегашните пари од хартија, додека други седум отсто немале став.
Британски експерти објаснуваат дека новите пари ќе го издражат перењето, но тие и натаму не ќе може да се пеглаат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


