Непристојниот предлог на Ивон Величковски за сонцето од Кутлеш и случајно или намерно изнесената дезинформација дека Македонија ја крши Времената спогодба и натаму се користат во грчкиот обид за рушење на меѓународниот углед на Македонија, објавува Нетпрес од Атина.
Кипарската евро-пратеничка Антигони Пападопулос во пратеничко прашање до Европската Комисија ја обвинува Македонија за кршење на Времената спогодба, користејќи ги исклучиво лажните наводи што коалицискиот партнер на СДСМ, Величковски, неодамна ги изнесе од собраниската говорница.
Пападопулос во пратеничкото прашање наведува дека Либералната партија на Величковски неодамна излегла со предлог да се забрани и казнува користењето на симболот. Потоа го цитира Величковски во делот во кој што тој тврдеше дека забраната за употреба на симболот што била утврдена со Времената спогодба досега не била имплементирана правилно и на крајот заклучува: „ЕУ постојано и едногласно одлучува дека заемно прифатливо решение за спорот за името и користењето на симболите е суштински предуслов за отворање на пристапни преговори со ФИРОМ. Според горенаведеното, што ќе одговори Комисијата за тоа како континуираната употреба и злоупотреба на симболот од ’Вергина’ ( Кутлеш ) од страна на ’ФИРОМ’, спротивно на Времената спогодба од 95 та, влијае на релациите меѓу ЕУ и “ФИРОМ”.
Ниту Пападопулос ниту пак Величковски споменаа било што за фактот што Грција со години грубо ја крши истата таа спогодба, преку нелегалното вето за македонските евро-атлантски интеграции. Инаку, тезата на Ивон Величковски е идентична со обидите на грчката страна да докажува дека Македонија ја кршела Времената спогодба, меѓудругото поради сонцето од Кутлеш. Но со пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг каде јасно е утврдено дека Македонија не ја крши Времената спогодба, ваквите грчки обиди пропаднаа, а тезата на Величковски несомнено се сведува на лага и тоа кажана на штета на сопствената држава, додава Нетпрес.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.