Европската унија и Турција се договорија да почнат разговори за безвизен режим, но Турција ќе се согласи да ги прима илегалните имигранти кои влегле во Европа преку нејзина територија. Договорот за реадмисија е потпишан во Анкара откако ЕУ по три години ги продолжи разговорите за членство со Турција.
На церемонијата министерот за надворешни работи на Турција, Ахмет Давутоглу и еврокомесарката за внатрешни работи Сесилија Малмсторм потпишаа и договор за почнување дијалог за визна либерализација при влез на турските граѓани во европските земји.
На средбата беше присутен и турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган. Преговорите за договорот за реадмисија со години беа во застој, главно поради условување од страна на Турција со укинување на визниот режим.
Потпишувањето на двата договори доаѓа неколку недели по возобновувањето на преговорите за членство на Турција во ЕУ. Поради несогласувањата околу Кипар, но и поради резервите на Германија и Франција, преговорите за Турција за влез во ЕУ, кои почнаа во 2005 година, беа речиси запрени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.