| четврток, 6 декември 2018 |

Судот во Вашингтон пресуди: НСА нелегално прислушувала разговори

Snouden-Spioni-740x320-top

Окружниот суд во Вашингтон во првиот поголем судски процес против американската Агенција за национална безбедносна (НСА) по скандалот со објавување на тајните податоци од страна на нејзиниот поранешен соработник Едвард Сноуден, пресуди дека оваа разузнавачка служба немала право да ги собира податоците за разговорите на двајца активисти кои поднесоа тужба против неа, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

Согласно американското правило на судски преседан, оваа одлука може да ја блокира работата на НСА, како и да заврши пред Врховниот суд на САД.

НСА ја тужеа конзервативниот адвокат Лери Клајман и Чарлс Стрејнџ, татко на криптолог на НСА убиен во Авганистан во 2011 година. Според пресудата на судијата Ричард Леон, НСА нема право да ги собира податоците за телефонските разговори на двајцата тужители, во рамки на нејзините програми за масовно следење на комуникациите во САД.

– Немам сомнеж дека авторот на нашиот Устав Џејмс Медисон, кој и самиот предупредувал да внимаваме на кратењето на слободата на луѓето со тивки и постепени злоупотреби на тие што се на власт, би бил згрозен од оваа програма, изјави судијата Леон.

Сноуден досега откри голем број тајни на агенцијата, меѓу кои и дека НСА масовно прави белешки за телефонските разговори на десетици милиони Американци, наместо само да се фокусира на лицата за кои има добиено соодветен налог и постои сомнеж дека планираат напади врз САД.

Американскиот претседател Барак Обама вети дека ќе спроведе ревизија на активностите на НСА и ќе ги скрати нивните злоупотреби, но се очекува ова да биде далеку под очекувањата на јавноста, која бурно реагираше по сознанието дека светски лидери како германската премиерка Ангела Меркел и бразилската претседателка Дилма Русеф, потоа новинари кои пишуваат истражувачки стории за администрацијата на Обама, како и голем дел од јавноста, се на удар на агенцијата.

САД веќе имаат преседан од 1979 година со кој Врховниот суд дозволи собирање податоци за тоа кој граѓанин со кого разговара, без притоа да биде потребен налог. Но, судијата Леон вели дека способностите за следење на разговорите на денешните американски власти се далеку поголеми од тие во 1979 година, а со тоа и можностите за злоупотреба.

Програмата за следење на комуникациите на НСА се соочува со уште еден судски процес кој се води во Њујорк.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top