| четврток, 6 декември 2018 |

Ставрески: Македонија меѓу ретките ќе ги зголеми платите и пензиите во 2014

Во Буџетот за 2014 година социјалните трансфери се проектирани на 77.667 милиони денари во кои се опфатени и предвиденото зголемување на пензиите и социјалните надоместоци за 5 проценти кои ќе бидат исплатени со мартовските пензии.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески образложувајќи го Предлог-буџетот за 2014 година во Собранието потенцира дека е предвидено и зголемување за 5 проценти на платите во јавната администрација кое ќе биде исплатено со октомвриската плата.

– Во однос на платите ќе има зголемување сразмерно на можностите на Буџетот и констатирано е дека може да се реализира зголемување од 5 проценти со исплатата на октомвриската плата. Ваквото зголемување Република Македонија ќе ја издвои од останатите земји кои во овие времиња не само што не ги зголемуваат, туку и ги намалуваат платите во јавниот сектор. Ние смогнавме сили во овие времиња да има зголемување на платите на полицијата, војската, социјалните работници, во образованието – истакна вицепремиерот Ставрески.

Тој додаде дека како резултат на предвиденото зголемување на пензиите, платите и социјалните надоместоци и субвенциите, тековните расходи во Буџетот за 2014 година ќе бидат поголеми за 3,9 проценти во однос на 2013 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top