| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов стана член на Светската академија на науките и уметностите

На претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов денеска му беше врачен сертификат за членство во Светската академија на науките и уметностите.

Сертификатот му се доделува како признание за неговите исклучителни научни и општествени достигнувања и посветеност на целите за глобална човекова состојба, мир и одржлив развој.

На свеченоста, на која присуствуваа бројни академици, претседателот на Светската академија на науките и уметностите проф д-р. Иво Шлаус истакна дека му оддаваат чест на личност која прави две важни работи за академијата и светот.

– Академијата му придава огромно значење на образованието, особено на високото образование. Светот денес е многу поразличен од пред 50 или 100 години и токму затоа треба да бидеме подготвени за овој свет. За таа цел ни требаат лидери. Професор Иванов направи напори да развие токму вакво лидерство и да ги научи младите луѓе преку конкретни
случаи како да се справуваат со проблемите што го преокупираат светот, нагласи Шлаус.

За претседателот Иванов, огромна чест и привилегија е да се биде член на Светската академија на науките и уметностите. Признанието, како што рече, не е само за него, туку и за македонската наука и за сите оние што се посветени на академскиот живот, но и поттик за помладите кои само со посветност може да го достигнат недостижното.

-Ова нека биде пример за сите мои помлади колеги, секогаш да имаат цел во животот и да го достигнат она што во младоста е недостижно. Секогаш кога имаат цел, да се посветат на тоа, затоа што тоа некој го следи иИ вреднува, рече Иванов, посакувајќи Светската академија на науките и уметностите да продолжи со својата мисија и да ги обединува сите умови кои заеднички ќе му понудат на светот многу повеќе просперитет и благосостојба на човештвото.

Порача дека треба да се инвестира во иднината и во младите лидери кои ќе се справуваат со сите предизвици со кои се соочува светот.

– Како нов член на Академијата посакувам сите оние искуства и сознанија што ние како мала земја, нација и народ сме ги совладале, да ги пренесеме и на другите и да се користат како позитивни искуства за да може да живееме во еден поубав и попросперитетен свет исполнет со среќа и радост, истакна Иванов.

Светската академија на науките и уметностите е меѓународна невладина научна организација, светска мрежа на членови избрани за истакнати постигнувања од областа на природните и општествените науки, уметноста и хуманистички науки. Членови на академијата се реномирани научници, уметници, претседатели на истражувачки институти и меѓународни
организации, добитници на нобелова награда, бизнис лидери, политичари и државници.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top