Американската агенција за безбедност (НСА) размислува да го амнестира бегалецот Едвард Сноуден доколку тој се согласи да престане со објавување на тајните документи што ги одзеде од Агенцијата при бегството од САД, пишуваат британските медиуми повикувајќи се на американски извори.
Според овие извори, во НСА се испитувала и една ваква можност за да се амортизира штетата од „предавството“ на поранешниот ИТ техничар на оваа безбедносна агенција.
Директорот на НСА, Кит Александар, меѓутоа, ја отфрла идејата за амнестија на Сноуден.
Директорот на Агенцијата, кој најави дека идната година ќе се пензионира, изјави дека не може да се прави еден ваков договор.
– Тоа е исто како да му дадете амнестија на киднапер кој грабнал 50 луѓе што ги држи како заложници, па откако ќе убие десетмина, ќе побара да го амнестираат, порачувајќи – ако ме амнестирате, ќе ги ослободат другите 40 заложници – вели Кит Александар, инсистирајќи дека такви договори не се прават.
НСА потврди дека е длабоко загрижена за строго доверливите документи кои сé уште не се објавени.
Лондонски „Гардијан“, кој е еден од весниците што ги објавува украдените тајни за прислушување и за контрола врз телефонската и интернет комуникацијата, соопшти дека има објавено само еден отсто од она што Сноуден зел со себе при бегството.
Американските власти го обвинија Сноуден за грабеж на државни документи, за што, ако биде суден и осуден, може да добие затворска казна од 10 години.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


