
– Ќе коалицираме со оној којшто ќе има најмногу освоени гласови на изборите, што е и логично. Ако СДСМ ги загуби изборите и има помалку освоено пратенички мандати, не знам зошто тоа загубарско друштво би било интересно за нас – вели лидерот на ГРОМ, Стевче Јакимовски, во интервју за Прес24.
Тој нагласува дека нема да ја пропушти шансата на следните избори да биде дел од власта. Освоени пет пратенички мандати ѝ гарантираат на партијата успех и позиционирање во владината коалиција.
– Под обезбедени пет пратеничи мандати е наш неуспех, а сѐ што ќе освоиме над пет е наш успех имајќи предвид дека од основањето на нашата партија до распишувањето на избори имаме само четири месци – вели Јакимовски.
На изборите ГРОМ ќе оди сама, без коалиции, вклучувајќи го и учеството на претседателските избори, за каде што својот кандидат ќе го објават во првата половина на јануари. Стевче Јакимовски нема да биде името кое ќе влезе во претседателска трка.
– Колку СДСМ ќе освои пратеници на следните парламентарни избори ние во ГРОМ се грижиме колку за ланскиот снег. Тоа нека му ја мисли Заев и неговата компанија – вели Јакимовски, а моментот дека СДСМ не се плаши од ГРОМ тој го коментира:
– Што се однесува до стравот, можам како илустрација да кажам дека кога дете си игра покрај река, тоа не чувствува страв дека може да се удави. Така и СДСМ ќе се удави во својата „бестрашност“ и самоувереност. А, тоа што на Заев не му биле јасни нашите позиции, што го повторува неколкупати, не знам што не му е јасно?! Не сме со него и со СДСМ. Појасно – здравје – вели претседателот на ГРОМ.
Во ГРОМ веруваат дека мултиетничкиот концепт, кој го форсираат како партија, може да стане реалност во Македонија.
– ГРОМ навистина искрено се залага да наметне концепт на мултиетничност, меѓуетничка толеранција и соживот. Мислам дека е доста да бидеме само декларативни кога е во прашање мултиетничноста. Ние тоа го правиме во практика. Во ГРОМ нѐ има од сите етникуми, Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци, Црногорци. Нашата потпретседателка е млада и амбициозна Албанка и заедно ги уриваме сите бариери и предрасуди. Доста живеевме едни порај други, треба да покажеме како живееме едни со други. Граѓаните го разбираат тој јазик и многу лесно го прифаќаат – вели Јакимовски.
Двојна формула. Едно име за меѓународна употреба-уставното, а со Грците да преговараме како ќе нѐ ословуваат, е ставот на партијата за начинот како да се реши прашањето за името.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


