ЕУ не ја исклучува можноста да ѝ одобри на Украина финансиска компензација за потпишување договор за асоцијација со Унијата, изјави денеска високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Кетрин Ештон.
-Во разговорите со претседателот на Украина ги разгледавме краткорочните причини, кои не му дозволиле да го потпише договорот за асоцијација. Мислам дека ќе можеме да ги решиме, на сметка на ЕУ, од меѓународните финансиски институции или преку трговски кредити – додаде Ештон.
Од друга страна, советникот на рускиот претседател за економски прашања, Андреј Белоусов, денеска истакна дека и Русија би можела да ѝ одобри кредит на Украина доколку Киев го побара тоа.
– Ситуацијата во Украина моментно е таква што без кредит, од една или друга страна, земјата едноставно нема да успее да ја одржи економската стабилност – нагласи Белоусов. На Украина ѝ се потребни 17 милијарди долари за исплата на долгот следната година.
Украинскиот претседател, Виктор Јанукович, кој се соочува со секојдневни улични протести откако минатиот месец одби да ги потпише договорите за асоцијација и за слободна трговија со ЕУ, утре ќе ја посети Русија. Белоусов изјави дека кредитот би можел да биде одобрен и за време на посетата.
Демонстрантите во Украина стравуваат дека тоа би можело да резултира со уште посилен сојуз меѓу Киев и Москва.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


