
фото: Игор Ангелковски, Република
Две години затвор за екс контраразунавачот Слободан Богоевски. Судот денеска му пресуди на Богоевски и останатите обвинети во случајот „Агент“. Богоевски, осуден за перењње пари, останува на слобода до правосилност на пресудата и покрај барањето на обвинителството за куќен притвор. Првообвинетиот, адвокатот Васко Томанови заработи три годишна казна затвор. И тој останува на слобода до правосилност на пресудата. Словенецот Митја Валиќ од Меркатор доби две години затвор. Тој е осуден во отсуство. Условна казна затвор од две години доби Ален Јегени, адвокат,а две години затвор заработи адвокатот Владо Пишликовски кој е на слобода до правосилност на пресудата. Условна казна од две години и за адвокатката Даниела Трајковска.
Нив ќе им биде запленет имот за да се врати штетата нанесена на државата. Тие беа уапсени на 18 април годинава.

Според обвинителството, пријавените искористувајќи го раскинувањето на Договорот за доделување на градежното земјиште на користење, склучен во 2000 година помеѓу Министерството за урбанизам и градежништво на РМ и фирмата „Централ Балкан Инвестмент ЦБИ“ од Никозија, Кипар, а со цел да прикријат незаконски стекнати парични средства во износ од 62.855.196,00 денари, изготвиле Договори со невистинита содржина помеѓу дел од нив и фирми во нивно владение, за наводно посредување за раскинување на споменатиот Договор, кој претходно веќе бил раскинат) притоа сторувајќи ги напреднаведените кривични дела.
Првопријавениот Васко Томановиќ (39) од Скопје, како адвокат и полномошник на фирмата „Централ Балкан Инвестмент ЦБИ“ од Никозија, три месеци пред раскинување на договорот формирал фирма во Скопје со идентично име „Централ Балкан Инвестмент ЦБИ“ ДООЕЛ Скопје. Договорот за земјиштето со кипарската фирма од страна на Мистерството за транспорт и врски бил раскинат на 03.03.2009 година, заради неисполнување на обврските. Веќе наредниот ден по раскинувањето на Договорот, односно на 04.03.2009 година, со фирмата „Инвестмент Интернационал“ ДОО Скопје, која е во сопственост на Меркатор Словенија, а управувана од Митја Валич, адвокатот склучил Договор во име на кипарската фирма, а во понатамошната содржина на Договорот наместо „Централ Балкан Инвестмент ЦБИ“ од Никозија, стоело „Централ Балкан Инвестмент ЦБИ“ ДООЕЛ Скопје. Сомненијата се дека целта на ваквиот договор била парачните средства кои „Инвестмент Интернационал“ треба да ги префрли на „Централ Балкан Инвестмент ЦБИ“ од Никозија по основ на обештетување за наводно направени трошоци за користење на земјиштето, да бидат префрлени на скопската „Централ Балкан Инвестмент ЦБИ“, во сопственост на адвокатот.

Инаку словенечката фирма била заинтересирана за купување на предметното земјиште, а подоцна и го купила земјиштето од Република Македонија. На овој начин паричините средства согласно Договорот од 04.03.2009 година, никогаш не биле префрлени на сметката на кипарската фирма, туку на фирмата со идентично име од Скопје, сопственост на адвокатот, а управувана од адвокатот Ален Јегени (29) од Скопје.
Во ова му помогнал словенечкиот државјанин, управител на „Инвестмент Интернационал“, со тоа што иако знаел дека парите треба да бидат префрлени на Кипарската фирма, ги префрлил на фирмата од Скопје со иднетично име. Откако паричните средства биле префрлени на сметката на скопската фирма, со цел да се прикрие потеклото, пријавениот адвокат склучува Договори со невистинита содржина за наводно посредување за раскинување на предметниот Договор (кој претходно веќе бил раскинат) со фирмите Интерпарт Ком ДООЕЛ Скопје, сопственост на второпријавениот адвокат Владо Пишликовски (43), а управувана од четвртопријавената адвокатка Даниела Трајковска (30) и со физичкото лице, третопријавениот Слободан Богоевски (62).
Врз основа на вака склучените Договори, на лична сметка на Богоевски во двата наврата во јули 2009 година од фимарата на Васко Томановиќ му се префрлени вкупно 28.670.000,00 денари, од кои пријавениот 17.500.000,00 денари ги подига во готово, а 2.860.000,00 денари повторно ги враќа на сметката на скопската фирма, додека 8.000.000,00 денари остануваат на неговата лична сметка.
Томановиќ склучува ваков Договор и со фирмата „Интерпарт Ком“ ДООЕЛ Скопје на која и се префрлени парични средства во износ од 24.260.000,00 денари. Управителката на „Интерпарт Ком“ ДООЕЛ Скопје за да го реализира овој Договор склучува Договор со второпријавениот кој иако фигурира како сопственик, како адвокат требало да посредува во раскинувањето на предметниот Договор за што му префрлила износ од 17.940.900,00 денари.
Обвинетите на претходните рочишта го отфрлија обвинувањата и бараа ослободителна пресуда. Богоевски на судењето тврдеше дека ја спасувал Македонија од Меѓународен суд.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


