| четврток, 6 декември 2018 |

Мирка Велиновска: Печурките на Фрчкоски сега се најгласни за медиумите

mirka velinovska

Најодговорно тврдам дека сега најгласни во битката за слобода на медиуми се истите тие новинарски кадри што ѝ служеа на таквата политика, а кои, како што се изјасни Љубомир Фрчкоски во една пригода, се одгледани како печурки во подрум, на темно, и хранети со измет, вели Мирка Велиновска во интервју за Дневник.

– Всушност, ја имам и напишано случката со Фрчкоски и за тоа како настана „Дневник“ на чело со Бранко Героски. Додека беше министер за внатрешни работи, неколкумина од нас, кои важевме за влијателни новинари во „Нова Македонија“ и во други медиуми, нѐ повика во својот кабинет. Беа присутни Елеонора Kаранфиловска, Сашо Орданоски, Александар Чомовски, Милан Банов, Александар Шолјаковски. Фрчкоски побара од нас да сме го рушеле Панде Kолемишевски. Да, ние сме имале конфликт со Kолемишевски во одредени моменти, па дури и меѓу себе, но не ни се веруваше што слушаме и сите исто изреагиравме, дека нема да дозволиме владејачката партија да ни го менува уредникот од надвор. Му рековме: „Ова не е Македонска телевизија, каде што менувате уредници“, а знаевме како во МТВ се менуваа уредници – во кафеана. Јас сум сведок на еден од ручеците на Бранко Црвенковски како премиер со новинари во „Уранија“, кога тој го смени Сашо Ордановски со зборовите: „Ни правиш штета“. Но, тоа ваквите уредници сами си го дозволуваа. Kога Kолемишевски се обиде поголема група уредници од „Пулс“ да нѐ разреши зашто објавуваме имиња што треба да се лустрираат, упаднавме на новогодишната прослава на целиот политички врв во Kлубот на пратениците. Отидовме директно кај Kиро Глигоров и кај Црвенковски и ги направивме „салата“. Разрешувањата беа веднаш повлечени. Е Фрчковски бараше да бидеме послушници и тогаш ги најави „Дневник“ и Героски за да ја урнат „Нова Македонија“.

ДНЕВНИК: Можеби идејата била да се направи плурализам и во медиумите во услови кога „Нова Македонија“ беше монопол?

– Ние не бевме против формирање нов медиум, туку против тоа Фрчкоски да одлучува кого и како да рушиме во „Нова Македонија“. Откако тоа не му успеа, реши да направи весник што ќе ја спроведува неговата политика. За слободата во својот медиум треба да се изборите, а не да зборувате.

ДНЕВНИК: Kолегите денеска со сите протести и критики за слободата на медиумите велат дека токму тоа го прават: дека се борат за слободата…

– Kои протести? Па сме виделе такви сценарија и порано. Kој притисок им се прави? Нека излезе Героски и сите други и нека кажат со имиња, датуми и настани како што јас тоа го правам. Kој ги притиска, за што и како. Никој не излегува со конкретни факти, само со жалби. Героски еднаш беше на сослушување од Едвард Џозеф затоа што не „играл“ по желбите на американската амбасада. Се собравме повеќе новинари во „Пивница“ да го браниме. Сите го браниме, само тој молчи. Подоцна му викам: „Зошто не се бранеше, што молчеше?“. Тој ми призна самиот: „Мало ми е бабулето“.

Kој е излезот од ваквата ситауција во медиумите?

Со овие исти челни луѓе во новинарската фела веќе 20 години нема решение на ситуацијата. Во Македонија треба да се случи ново новинарство. Ова е веќе дното. Прво, лустрација на новинарите. Потоа дефинирање на новинарството и негова регулација со закон за да можеме да се заштитиме. Ако некој сака да пишува пропаганди, може да го прави и тоа, ама текстот ќе биде потпишан од лобист тој и тој, па да знаат граѓаните кого и што читаат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top