| четврток, 6 декември 2018 |

Голема победа за МЗТ, во Скопје падна евролигашот Црвена Звезда

Голема победа забележа македонскиот шампион МЗТ Скопје, во меч од Јадранската лига, а вечерва во салата „Борис Трајковски“ падна евролигашот Црвена Звезда.

Словенечкиот стретег Зоран Мартич го прокнижи првиот триумф како тренер на МЗТ, а скопјани славеа со 65-58. Белградските црвено-бели допатуваа во Скопје како лидери на табелата во АБА-лигата, но си заминаа со пораз.

Црвена звезда се закани со пресврт во последниот период, со неколку тројки гостите го свртеа резултат во своја полза, но сепак, „металците“ не потклекнаа и победија. Кејд Дејвис погоди тројка и ја врати предноста на македонскиот шампион. Синовец погоди клучен шут на неполна минута до крајот за предност на МЗТ од 60-58, потоа и Дејвис со две слободни фрлања на 28 секунди до крајот ја зголеми разликата на 4 поени, што беше недостижно за гостите од Белград.

Дејвис со 19 поени беше најефикасен кај „металците“. Одлично деби имаше Маринковиќ со 11 поени, а Синовец и Гечевски постигнаа по девет поени. МЗТ со 17 бода е на осмата позиција во АБА лигата, а Црвена Звезда го задржа врвот со 4 бода повеќе.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top