Ваква одлука донела Владата на Република Македонија, а министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска ја соопштила на синоќешната трибина на ВМРО-ДПМНЕ во Штип.
-Владата донесе одлука од следната година да му даде огромна финансиска и логистичка поддршка на фестивалот ‘Макфест’. Овој фестивал заслужува да се издигне на едно повисоко скалило од досегашното, а средства за таа цел веќе се предвидени во буџетот на Министерството за култура, рече министерката Канческа-Милева.
Според најавите, фестивалот ќе биде придружуван од оркестарот на Македонската телевизија, а композициите што ќе се изведуваат ќе бидат избирани преку конкурс, кој ќе трае три месеци од кои подоцна на еден транспарентен начин ќе бидат издвоени најдобрите.
Во последните три години овој македонски фестивал беше финансиран од буџетот на Општина Штип, па поради немањето доволно средства во општинската каса фестивалот мораше да ја укине дебитантската вечер, по што, всушност, беше и препознатлив овој фестивал.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


