| четврток, 6 декември 2018 |

Државно градежно земјиште во Дојран се продава за 61 денар за метар квадратен

Министерството за транспорт и врски распиша објава за продажба на државно градежно неизградено земјиште во месноста Карач, Стар Дојран за изградба на туристичка развојна зона. Градежната парцела е со големина од 19,5 хектари, половината може да се гради со максимална висина на објектите до 25 метри.

Огласот е објавен вчера во дневните весници, а туристичката развојна зона е понудена и на повеќето туристички саеми на потенцијални странски инвеститори. Почетната цена на наддавање ќе биде 61 денар по метар квадратен, а заинтересираните треба да достават депозит од 1,5 милион денари. Апликациите ќе може да се доставуваат до 14 јануари 2014 година, а доколку има заинтересирани јавното наддавање ќе биде на 20 јануари.
-Инвеститорот ќе мора да достави банкарска гаранција во износ од три милиони евра во денарска противвредност за сериозност на понудата која ќе важи се до моментот додека не се платат средствата. Исто така, од него се бара да има годишен обрт на капитал од најмалку пет милиони евра во фискалната 2012 година. Услов е и правното лице кое ќе ја добие зоната да мора да вработи најмалку 150 лица и да ги задржи минимум три години од моментот кога ќе ги изгради објектите, вели министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.
Идниот инвеститор во туристичката развојна зона во Дојран ќе биде ослободен од плаќање персонален данок на доход по основ на плати на вработените лица за период од 10 години од кога ќе започне да функционира зоната. Покрај тоа, во периодот од издавањето на дозволата за градење се до издавање на одобрението за употреба градбата ќе биде ослободена од плаќање на ДДВ за градежните материјали, а воедно инвеститорот ќе биде ослободен и од плаќање царина за увоз на градежни материјали.
Градоначалникот на Дојран Борче Стамов најави изградба на уште една туристичка развојна зона на површина од 11 хектари во Нов Дојран и голф терен, кој ќе биде понуден за продажба, уредување на плажите во Дојран и изградба на дополнителни три километри од рекреативната патека покрај Нов Дојран.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top