
Нема да има решение на Советот на министрите за надворешни работи за препораката за старт на преговори за Македонија, одговори по средбата со Попоски, бугарскиот министер за надворешни Кристиан Вигенин. Покрај спорот за името со Грција, Вигенин посочува дека до идната недела очигледно нема да завршат ниту преговорите за договорот за добрососедство со Бугарија.
– Создаваме неопходна политичка средина во која договорт ќе може да заврши успешно, но се уште не сме стигнале до моментот на потпишување. Утврдивме некои спорни прашања, која страна како гледа на тоа и на таа основа ќе продолжиме да мислиме какви дефиниции можат да бидат направени, рекол Вигенин за бугарските медиуми.
Според информациите кои ги пренесуваат медиумите во Софија, Вигенин посчил дека има три спорни прашања. Едно од нив е поврзано со текст од Уставот на Македонија, за што Бугарија бара гаранции дека не е основа за мешање во нејзините внатрешни работи. Друго прашање е поврзано со јазиците на кои треба да биде потпишан договорот, иако според Вигенин, тоа е техничко прашање и би можело да се искористи формулацијата што и досега е употребена, односно договорите се потпишуваат на македонски јазик според Уставот на Македонија и на бугарски според Уставот на Бугарија. Третото спорно прашање е поврзано со најчувствителната тема – историјата. Вигенин, посочил дека во договорот не се коментираат конкретни историски натсани и дека двете страни имаат одредени погледи како може да се излезе од ситуацијата и да се постигне историјата да не биде причина за поделби, туку за обединување.
Дека во ЕУ нема консензус за почеток на преговорите со Македонија, денеска потврди и вице премиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими, по средбата со амбасадорите на земјите членки, директорот на директоратот за проширување и ген секот на службата за надворешни работи во Брисел. Клучни за ваквата состојба вели Бесими се проблемот за името со Грција и отвореното прашање со Бугарија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


