Утре, сабота (14. декември 2013) во рамки на ТАКСИРАТ ФЕСТИВАЛ ќе се одржи концертот на белградскиот хип хоп состав „Бед Копи“ ( Bad Copy (Preview) ), во „Експо Центар“ во Скопје со почеток во 22:00 часот! По неколку години отсуство, „Бед Копи“ во април годинава се врати на сцената со новиот албум „Кригле“ кој ги собра позитивните критики во регионот. Скај Виклер (Ѓорѓе Миљеновиќ), Ајс Нигрутин (Владан Аксентијевиќ) и Тимбе (Рашид Куртановиќ) го задржаа препознатливиот сатиричен стил поради кој станаа и една од најпопуларните хип хоп групи во регионот. Нивниот настап во рамки на Таксират 15 ќе биде прилика прв пат да го чуеме во живо материјалот од новиот албум, но и старите хитови кои ги прославија незаменливите „Бед копи“. Како предгрупа на „Бед Копи“, утре ќе настапи и македонскиот хип-хоп состав „ДИВИЗИЈА“!
„Бед копи“ е хип-хоп група од Белград, која во 1996 година ја основаа Ајс Нигрутин и Мики Бој. Истата година го објавија првиот албум „Орбод мебеј“, кој беше сочинет од комични текстови рапувани врз инструментални песни на популарни американски рап артисти како „Метод Мен“ и „Ноти бај нејчр“. Албумот не успеа да привлече поголемо влијание од медиумите, но со него „Бед копи“ навлече култен статус меѓу публиката. По трагичната смрт на Мики Бој на Косово во 1999 година, Ајс Нигрутин направи пауза и во 2000 година заедно со Тимбе и Скај Виклер, ја обновува групата во состав кој и денес заедно работи. Заедно го објавија албумот „Све сами хедови“ (2003) снимен во радиско студио, кој за кратко време стана хит, благодарение и на првиот сингл „Uno Due Tre“. По концертните промоции на овој албум, стартуваше покомерцијалниот успех на групата, привлекувајќи го вниманието на публиката и интересот на медиумите. На својот трет студиски албум „Најгори до сада“ (2006) забележаа соработки со повеќе гости вклучувајќи ги Скабо, Бвана, Едо маајка и Господар Времена. По овој аблум, во 2008 година групата се разединува и сите тројца продолжуваат со активни соло кариери, со забележана пауза кај Скај Виклер кој во 2009 година се повлече од сцената поради приватни обврски. Годинава „Бед копи“ сепак се вратија на сцена и тоа на голема врата со новиот албум насловен “Кригле” кој беше најавен со видео спот за синглот „Љубав или Пиво“, а кој им донесе и настап на последното издание на реномираниот регионален фестивал „Егзит“. Познати по своите хумористични текстови и жаргон, членовите на групата имаат објавено неколку албуми и како соло артисти и допринесоа за популаризацијата на хип хоп музиката во Србија и регионот на почетокот од новиот милениум. Во досегашната работа имаат забележано и повеќе соработки со артисти како Хорнсман Којоти („Ајсбрн“), Блајнд Бизнис, Кибу, Прти Бее Гее, Бвана, Ху Си?, Марчело, Београдски Синдикат, Едо Маајка, Баук Сквад, В.И.П. и други.
Локална поддршка на овој ќе концерт ќе бида хип-хоп колективот од Струмица ДИВИЗИЈА, во состав: Кискин, Хроник (Chronic), Бандит, Фарс (Farse), Скептик и Киндер. Овој колектив твори веќе цела деценија, период во кој има изработено албум во 2005та година “Моќна постава”, а потоа Кискин во соработка со Реалити Рекордс се појави со соло албумот “Структура на културата” и во соработка со Шурикен Рекордс во 2012 уште еден соло албум “На пат кон дома”. Годинава следуваат нови два албуми, Hronik заедно со Ел’Борачо (El’Borracho) од „Да Титаниум“ (Tha Titanium) со посебен проект “Од каде доаѓам” и нов албум на Дивизија “Втора шанса”.
Влезниците за концертот се достапни во претпродажба по цена од 200 денари, а истите утре на влезот на „Експо Центар“ ќе чинат 300 денари.
Претродажбата на билетите се спроведува во продажната мрежа на МКтикетс:
• Продажните салони на One низ Македонија
• Во Скопје: Југотон, Розе Веро 2, Камарад Рамстор, Кафе Браво, Кафе Круг Аеродром.
Ова е последниот концерт во рамки на офф-програмата на петнаесетгодишното издание на Таксират Фестивал! По овој концерт пред останува финалето на јубилејното издание на ТАКСИРАТ, со главната вечер која ќе се одржи на 28 декемви во Метрополис Арена. Задолжени за оваа вечер да биде уште едно незаборавно музичко искисуство со експлозивни настапи ќе бидат до сега најавените:THE EXPLOITED (Шкотска), THE LOCOS (Шпанија), ДУБИОЗА КОЛЕКТИВ (БиХ), BERNAYS PROPAGANDA (Македонија), МАЈКЕ (Хрватска), БЕОГРАДСКИ СИНДИКАТ (Србија), DENNIS FERRER (САД), CARL CRAIG (САД), ЛД ПИСТОЛЕРО и ГОЦЕ САФ (Македонија). Промотивните влезници за ТАКСИРАТ 15 се достапни во продажната мрежа на МКтикетс по цена од 450 денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.