| четврток, 6 декември 2018 |

И светот се срами од признание за сексуална злоупотреба на деца

Педофилијата за жал е раширена и во спортот на глобално ниво, има доста примери за злоупотреба на деца што тренираат во различни дисциплини, а во Македонија засега нема регистрирано ниту една пријава за недозволени активности од страна на спортските учители кон нивните штитеници.

Во ниту една федерација, спортски клуб или репрезентација кај нас, немало случај на педофилија, но дали навистина е таква реалноста или постои страв од јавноста, од последиците, од осуда? Таквите случаи се екстремно тешки за сите и за жртвата и за насилникот, па ниту во развиените демократии, јавно не се откриваат ниту 5 проценти од случаите на педофилија, односно сексуална злоупотреба на малолетни лица.

Затоа шокантно делуваше признанието на 24-мина сега веќе возрасни луѓе, дел од нив поранешни хокеари дека биле физички злоупотребувани уште како јуниори, од тренерот Гордон Стаклс во Академијата каде ги учел за вештините на играта. Стаклс бил тренер волентер во тимот на Торонто Мејпл Лифс Гарден. Педофилот  малтретирал деца од различни генерации во долг период од 20 години, од 1960 до 1980. Едната од жртвите, Мартин Крузе подоцна си го одзел животот.

Судењето на Стаклс во Канада, беше наречено историско, а се охрабрија уште една дузина луѓе да се пријават да сведочат против насилникот, како деца-жртви на педофилија во истиот случај.

-За жал брат ми не е меѓу живите, но знам дека би бил горд што тој го почна процесот против монструмот. Ако може да се каже дека сум задоволен од нешто во целата трагедијат, тоа е храброста и на останатите злоупотребени да го крената гласот против педофилијата, за да се спречат ваквите работи во иднина. За жал, за брат ми кој беше жртва на насилник, нема враќање назад – рече Гери Крузе, брат на Мартин, едно од злоупотребените момчиња.

Страв од последиците, од потсмев од заедницата, веројатно и од тоа како да се продолжи со животот понатаму, се главните кочници за разоткривање на педофилијата, која е раширена многу повеќе од објавените случаи.

-Цели 20 години се надевав дека некој ќе ми помогне, да не страдам, но немаше никој крај мене. Веројатно сите се виновни. И заедницата од чија реакција долг период се плашев и системот кој не ме заштити и јас зошто бев дете кога бев злоупотребуван, но и плашливец кој молчеше долго време откако порасна. Мора да се најде начин да се сопрат монструмите и затоа сум денеска тука, како сведок на мојата и на траумата на моите некогашни соиграчи од деството – изјави 51-годишниот Алан Донан. И тој е една од жртвите на монструозните злоупотреби на Стаклс.

Канада, сепак има систем за заштита, и листа на педофили која е јавна и достапна преку официјални интернет страници. Кај нас сето тоа е во зародиш, се водат спорови, дали јавно да се обелоденуваат имињата на педофилите, а децата се оставени на милост и немилост.

Дали клубовите, спортските федерации, па и училиштата водат сметка за профилот на наставниците, тренерите со млади категории, педагозите? Има ли систем на сигурна заштита, или пак рецепт за спречување на ваквите насилства што се трауматични и оставаат траен белег на жртвата?

Кај нас, во спортските кругови многу ретко, или поточно воопшто и не се говори на оваа тема. Леснотијата, со која игнорираме тема што е многу значајна, иако директно не влијае на титулите и резултатите, е опасна. Засега се е засновано на шпекулации за можни злоупотреби на македонските спортски надежи. Добро е, воопшто да нема такви појави, но, што ако има и се прикриваат.

Роџер Вилафлор, од оделот за спречување на сексуално насилство во полициските одреди на Торонто, вели дека се сомнева во бројката на жртви на Стаклс.

-За жал мислам дека има повеќе деца што Стаклс сексуално ги злоупотребувал. Канада има развиена демократија, но и тука постои одредена доза на страв да се бие одлулна битка за искоренување на злото – вели детективот Вилафлор.

Најмладата жртва на Стаклс имала само 9 години, а објавено е дека две од децата што биле злоупотребени тогаш, имале успешна професионални кариера како хокеари во најсилната лига на светот, НХЛ. Нивните имиња и презимиња не се објавуваат, ниту тие самите се пријавија да сведочат.

Храброст да обелодени сексуално малтретирање од својот тренер, имаа две дами од САД, а по нивниот трогателен јавен настап, се отвори „аферата Габел“. Станува збор за Бриди Фарел и Ники Мејер, поранешни репрезентативка на САД во брзо лизгање. Мејер има и олимписки медали од зимските Игри во Албервил и во Лилехамер. Заедно со Фарел на почетокот на годинава, тие јавно го обвинија Енди Габел, тогаш актуелен претседател на федерацијата за брзо лизгање во САД, дека сексуално ги злоупотребувал. Кога тоа се случувало, девојките имале по 15 години, а Габел 33.

И осоемничениот е екс-репрезентативец на САД во брзо лизгање, и има 4 настапи на зимските олимписки Игри. Габел ги негираше обвинувањата, но веднаш си поднесе оставка и повеќе не е претседател на федерацијата.

-Тој не е никаков американски херој со настапи на Олимпијади, туку баш напротив. Беше просечен лизгач и голем злосторник на деца. Со прости зборови кажано, ме силуваше – рече Мејер.

 

Текстот интегрално е објавен во неделникот „Република“.

Пишува: Зоран Поповски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top