| четврток, 6 декември 2018 |

Стоилковиќ: Недостојно и нецивилизациски е да се негира историјата

Иван Стоилковиќ, лидер на ДПСМ, во интервју за Република.тв на мостот „Око“, непосредно до бистата на цар Душан. Разговорот е поттикнат од организираниот ноќен напад врз него во присуство на пратеници на ДУИ

Се наоѓаме во близина на споменикот на цар Душан на мостот „Око“. Какви чувства Ви буди присуството тука?

– Јас, уште пред да биде поставен споменикот тука, на својот профил на „Фејсбук“ имам ставено слика од мостот, која го покажува ликот на новото Скопје. Во секој случај, пријатно чувство и настан кој дава слика која Република Македонија ја испраќа не само кон своите граѓаните, туку и кон надвор.

Се чувствувате ли загрозено сега кога една етничка заедница отворено покажа антисрпски сентимент во врска со споменикот на цар Душан?

– Македонското општество длабоко во себе е толерантно. Овие закани се од една страна прилично радикални и предизвикуваат едно чувство на условна несигурност кај сите граѓани и кај српската заедница, имајќи ги искуствата од претходниот период, кои воопшто не беа добри. Но, бидејќи учествувам во Власта, можам да потврдам дека сѐ повеќе се чувствувам безбеден бидејќи Македонија сѐ повеќе напредува, сѐ повеќе е демократска правна држава и има инструменти на власт со кои е подготвена да ги заштити сите граѓани, независно од нивната национална припадност. Од тој аспект се чувствувам сигурно. Но, она што ме загрижува е појавата на говор на омраза и можам да кажам дека, бидејќи долги години сум учесник во политичкиот живот во Република Македонија, овој говор на омраза го надминува говорот на омраза против припадниците на српската народ во Македонија од почетокот на деведесеттите години. Така, од тој аспект навистина постои една загриженост, меѓутоа тоа е дел од политичкиот фолклор во Република Македонија и како таков го прифаќаме и против таков се бориме и справуваме секојдневно.

За какви цивилизациски разлики зборувавте кога апелиравте да не се наседнува на провокации?

– Припадниците на српската заедница во Република Македонија не се носители на ниеден инцидент на национална основа, припадниците на српскиот народ во Република Македонија се едни од најлојалните граѓани на Република Македонија, припадниците на српскиот народ во Република Македонија први застанаа на браникот на Република Македонија за време на воениот конфликт, припадниците на српската заедница, ако веќе сакаме да се послужиме со жаргонот на оние кои сакаат да рушат и уриваат и за чија цивилизација говориме, плаќаат редовно давачки кон државата Република Македонија, ги намируваат своите даночни обврски. Така што од тој аспект, таа разлика е сосема евидентна и тоа мое повикување на припадниците на српскиот народ во Република Македонија да бидат мирни и достоинствени, во суштина, само покажува дека ние навистина се однесуваме цивилизациски, од една страна, и од друга страна, дека ние како луѓе, кои во овој момент ги предводиме на некој начин припадниците на српскиот народ во Република Македонија, имаме потполна контрола врз сето она што се случува кога станува збор за српскиот народ во Република Македонија. И тие нѐ послушаа, останаа мирни во своите домови, продолжија со секојдневниот начин на живеење. Тоа беше од една страна, а од друга страна мојот повик беше дека државата е подготвена да ги заштити сите граѓани на Република Македонија, што се покажа како точно.

Како ги оценувате односите на Србите во Македонија со Македонците , Албанците и со другите етнички групи?

– Кога ги гледам припадниците на албанската заедница кога се обраќаат кон припадниците на српската заедница воопшто не гледам ни ронка почит. Без оглед на тоа што сум јас претставник на српскиот народ во Собранието, ниту еден говор не сум го искористил да нападнам, да ја нападнам албанската заедница во Република Македонија кога била носител на различни негативни тенденции, па дури ниту кога тие тенденции биле јасно антисрпски. Од тој аспект, ние и натаму ќе продолжиме да се однесуваме мирно, цивилизациски и да ги почитуваме Уставот и законите на Република Македонија. Секој што прави лошо, повеќе си наштетува себеси. Јас сум сигурен дека она што се случуваше тука пред неколку ноќи на споменикот на цар Душан длабоко ги навреди и припадниците на албанската заедница во Република Македонија. Нивните претставници се покажаа како недостојни за нивни претставници во Собранието и воопшто како недостојни да го претставуваат албанскиот народ во Република Македонија. Ни го покажаа албанскиот народ во негово темно светло. Ако е тоа суштината во занимавањето со политика, мислам дека ја утнале темата.

Досега во Република Македонија немало судири на линија српско – албански односи, во целиот конфликтен период на Балканот, на што се должи насилството од страна на луѓето што со чекани уриваат културен споменик?

– Јас ќе бидам многу директен. Ова, во суштина, е обид кој има повеќе цели. Првата цел е ВМРО- ДПМНЕ и претседателот на Владата, Никола Груевски, бидејќи припадниците на опозициските партии, на опозицискиот блок, ги бираат сите начини како да се справат со Никола Груевски. Па, и кога ја употребуваат или злоупотребуваат српската заедница во однос на тие свои активности, тоа не им звучи проблематично. А, употребувањето на припадниците на помалите заедници во една вака крупна работа е несериозна работа. Второ, по кого ќе удрите ако не по најслабиот и најмалиот. Суштината на демократијата во Република Македонија се огледа во тоа дали државата е подготвена да ги заштити послабите и помалите. Од тој аспект, јас зборував за Република Македонија како демократски правна држава. Третиот аспект е регионален аспект. Ова е еден голем удар до меѓународната заедница која посредуваше во преговорите за Косово и мислам дека е ова сериозен апел, сериозна порака кон Србите на северот на Косово, што ќе ги очекува во следниот период. Фактички станува рушење на нова меѓународно прифатена политика во регионот, која гледам дека, пред сѐ, негативно ќе се одрази на носителите на политичкото организирање кај Албанците.

Како соработувате со пратениците на ДУИ?

– За прекрасно чудо, јас сум рекол и порано, имам редовна и постојана комуникација со сите пратеници во Собранието, освен со оние неколкумина кои покажуваат нетрпеливост. Не е комуникацијата само со ДУИ, комуницирам и со ДПА…

Дел од нив беа присутни на уривањето.

– Од тој аспект, јас не комуницирам само со пратениците и министрите на ДУИ, јас комуницирам и со пратениците на ДПА, со Мендух Тачи сме имале неколку средби на различни теми. Така што, од тој аспект, мојата комуникација во политичкиот живот ќе остане отворена. Пред сѐ, таа комуникација да не се користи за сеење раздор и предизвикување нестабилност и несигурност во Македонија, туку таа комуникација да отвора простор за смирување на тензиите кога ќе се појават од една страна, а, од друга страна, да отвора простор за решавање на секојдневните проблеми кои се јавуваат во Република Македонија.

Во тој контекст, каква порака добивте со тоа што на уривањето била присутна и претседателката на Комитетот за односи меѓу заедниците?

– Многу е лесно да се даваат изјави и да се зборува, но секогаш кога се зборува, треба да се води сметка речениците да бидат логични. Првата работа што би сакал да ја кажам е дека претседателот на Комитетот за односи меѓу заедниците во Република Македонија си ја сфати таа функција како да е наменета само за Албанците. Така што, нејзиниот настап и пристап не само што не беше колегијален или конструктивен, туку беше сосема спротивно на тоа. Не ме чуди нивното учество во вакви настани, искрен да бидам, очекував и полошо.

Српско-македонските односи, доколку се изостави проблемот околу двете цркви, се во нагорна линија, колку е тоа спротивставено на добрите односи што Македонија ги има со Приштина и со Тирана?

– Еден од условите за евроинтеграција е регионалната стабилност и соработка, ви се допаѓало тоа или не, мора да работите на регионална стабилност и соработка, само таа ви ги отвора портите за соработка пошироко со светот , пред сѐ со евроитеграциските процеси од една страна, а, од друга страна, и толерантноста која ја покажувате во тие меѓународни односи за да може другите да видат дека станува збор за следење на сопствените интереси, а не за негирање на интересите на другите.

Може ли да дадеме една оценка, да претпоставиме какви би биле односите ако се реши спорот меѓу СПЦ и МПЦ?

– Искрено, се смеам од добрите чувства кои ми навираат доколку тоа се случи и, искрен да бидам, добар дел од своето политичко ангажирање сум го посветил токму на разрешување.

Има ли простор за тоа?

– Простор постои, просторот, искрен да бидам, е многу голем, но знаете како е, во политиката, како и во животот, постојат работи кои не зависат само од вас, туку и од другите. Во случајот со црквите, работите не зависат само од нас, за жал не зависат  ниту од односот меѓу двете цркви и нивните меѓусебни релации, туку и од поширокиот меѓународен контекст во кој се наоѓа Република Македонија.

Едно истражување покажува дека во однос на мешаните бракови, дури 90 проценти од Македонците немаат проблем кога се во прашање мешани бракови со српската заедница. Од друга страна, Бугарија тврди дека како народ Бугарите се најблиски до Македонците. Двата факти се контрадикторни. Може ли еден коментар?

– Според сите резултати од сите истражувања од меѓународни независни агенции, и во Македонија и во Србија, покажале дека Македонците ги сметаат Србите за свои најдобри пријатели и најблиски соседи, исто и Србите во Србија ги сметаат Македонците за свои најблиски пријатели и соседи. Кога тоа истражување од реномирани меѓународни организации вие немате тука нешто особено да коментирате. Едноставно, тоа е реалност која треба да се прифати и да се однесува според реалноста која е дадена. Тоа што е мошне важно, севкупната политичка борба која се разви со поставувањето на споменикот на цар Душан ги носи, има корен токму во овој факт затоа што степенот на влијанието на ДПСМ, чиј претседател сум, се црпи од тоа условно кажано пријателство меѓу српскиот и македонскиот народ и добрите односи меѓу Србите и Македонците. И тоа влијание врз политичкиот живот не е во согласност само според процентот на Србите во Република Македонија, туку е во согласност и со општиот амбиент на добрите односи меѓу Република Македонија и Република Србија, а во овој момент ете имам среќа, кој како сака нека го сфати ова, да бидам јас тој кој во овој момент ја предводи ДПСМ, преку чиј грб се прекршуваат ваквите позитивни текови.

Во Скопје има многу споменици на сите заедници, какво е Вашето чувство кога се градат споменици кои ја слават албанската историја во Република Македонија?

– Јас ќе повторам. Секој народ си ги избира своите херои и јунаци. Ние како народ си ги избравме нашите херои, другите нека си ги избираат сами, водејќи се од правилото дека хероите кои си ги избираш кажуваат повеќе за тебе отколку за другите. Не сакаме да се впуштаме во коментар на личностите кои ги избраа другите национални заедници во Република Македонија. Тоа, од една страна, е некултурно, а, од друга страна,  недостојно и нецивилизациски да негирате историја на кого било во Република Македонија. Еве јас лично на својот профил на „Фејсбук“ имам носечка фотографија од Новак Ѓоковиќ. Тоа е српски херој на новото современо време.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top