| четврток, 6 декември 2018 |

Спасов: МЕПСО И ЕЛЕМ ќе формираат берза на електрична енергија

За берзата ќе се користат словенечките искуства, бидејќи во Словенија функционира берза за електрична енергија уште од 2001 година

sinisha-spasoв

Синиша Спасов, директор на МЕПСО

МЕПСО и ЕЛЕМ со целосна поддршка на Владата се во процес за формирање берза за електрична енергија како организиран пазар на кој ќе се формираат транспарентни ценовни сигнали. Во тој процес е планирано место и за странски партнер кој има искуство во формирање и управување со берзи за електрична енергија.

Ова го истакнува генералниот директор на а.д. МЕПСО, Синиша Спасов.

– Тие ценовни сигнали ќе бидат коректор и индикатор за сите економски субјекти во земјава и во регионот затоа што сите околни земји се исправени пред предизвикот за формирање берзи за електрична енергија. Берзата бара исполнување на многу технички, законски и системски предуслови за да може да почне да функционира успешно. Целта е да биде ликвидна, односно да има доволно електрична енергија за тргување за да биде проектот самоодржлив – вели Спасов.

Тој посочува дека за берзата ќе се користат словенечките искуства бидејќи во Словенија функционира берза за електрична енергија уште од 2001 година.

– Надлежните и стручните лица на а.д. МЕПСО ги презедоа сите потребни мерки и ги спроведоа сите редовни активности за подготовка на преносната мрежа пред почнување на грејната сезона во земјава, кога очекува и зголемени товари на преносната мрежа. Во согласност со годишниот план за работа се извршени сите планирани ревизии на опремата во трансформаторските станици и на далноводите во мрежата на МЕПСО – додава Спасов.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top