Резултатите од едно истражување спроведено во Велика Британија покажуваат дека, родителите навистина почнуваме да ги цениме дури во 27. година од животот, десет години по тинејџерските кавги.
Студијата, која се занимавала со проучување на чувствата на децата и на нивните ставови во однос на семејството, покажува дека по бурниот тинејџерски период потребно е дури цела деценија за да почнеме да ги цениме родителите.
Во истражувањето се испитани различни состојби во односот родител-дете, а резултатите покажале дека тинејџерите со наполнети 14 години почнуваат да согледуваат дека нивните родители се ранливи, но сепак повеќето не ги запознаваат своите родители како личности се до 27. година.
Истражувањето во кое учествувале две илјади британски семејства покажало дека чувството на благодарност кон родителите, најчесто се јавува, откако своето растење ќе го споредиме со нивното.
Само еден од четворица испитаници изјавиле дека ги почитувале и ценеле своите родители во тинејџерските години, а три четвртини од нив признаваат дека не ги почитувале доволно родителите во тие бурни години.
Според истражувањето, начинот на кој ги цениме родителите во голема мера зависи од полот. Како возрасни личности, два пати повеќе жени, отколку мажи ќе им се обратат на родителите за помош, без разлика дали станува збор за финансиски потешкотии или за некои други лични проблеми. Од друга страна возрасните мажи поретко ќе се одлучат да ги прашаат своите родители за совет.
Резултатите исто така покажале дека жените, повеќе од мажите, развиваат поголема почит кон своите родители, откако и самите ќе формираат семејство. Мажите својот став кон родителите го менуваат најчесто при отселувањето од дома или при пронаоѓањето на првата работа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


