Најновата странска гринфилд-инвестиција е на германската корпорација „Маркарт“, кои денес се обврзаа да инвестираат 35 милиони евра во фабрика близу Велес, соопшти Владата. Компанијата ќе вработи најмалку 500 работника. „Маркарт“ е уште една компанија која произведува делови за автомобили, а нејзини престижни клиенти се марки како „БМВ“ и „мерцедес“.

Во соопштението на Владата за оваа инвестиција се вели:
„Денес, во просториите на Владата на Република Македонија претставници на германската компанија Маркарт и министерот Веле Самак, задолжен за привлекување странски инвестиции, во присуство на Премиерот Никола Груевски и владини претставници, го потпишаа договорот за инвестиција вредна над 35 милиони Евра.
Согласно деловниот план МАРКАРТ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Скопје ќе инвестира над 35.000.000 Евра за реализација на инвестициониот проект и планира да вработи над 500 граѓани. Компанијата ќе произведува електронски продукти со висока технологија како составни делови за врвни германски брендови на автомобили, како Мерцедес Бенц, Ауди и БМВ. Во близина на Велес компанијата во прва фаза ќе изгради производствен погон од 16.000м2 на земјиште од 10 хектари со простор за идно проширување. Производниот погон ќе биде поделен на 3 единици: производство на електронски штампани кола, на пластични и метални куќишта, и склопување на сите компоненти во финален продукт.
Првичната комуникација помеѓу Кабинетот на Министерот Веле Самак со менаџмент на компанијата “МАРКАРТ ГмбХ” започна уште во септември 2008 година со состанок во седиштето на компанијата Ритхајм – Вајлхајм, Германија. Оттогаш, покрај редовно одржуваната комуникација, следеа многу работните посети и средби. Во март 2013 година после повеќе месечни преговори со Министерот Самак, во конкуренција со други земји, менаџментот на компанијата испрати писмо за намери до Владата на Р. Македонија каде ја потврди својата одлука да инвестира во Македонија.
„Зборот кој го дадовmе во март се исполнува. Оваа инвестиција е од големо значење бидејќи ќе обезбеди светла иднина за над 500 фамилии во Велес. Со околу 75 милиони евра годишен извоз од високо-технолошки производи, Македонија и Велес стануваат места кои се почесто обезбедуваат перспектива за мултинационални компании.”, истакна Министерот Веле Самак.
„Како фамилијарно ориентирана, традиционална компанија со средна големина, ние сме убедени дека ја донесовме вистинската одлука при изборот на Македонија за нашата следна фабрика за автомобилска индустрија. Во Македонија најдовме висок број на добро образовани и мотивирани луѓе, добра средина за нашата инвестиција подржана од бизнис-ориентираната Влада. Централната поставеност на земјата во Југо-источна Европа во голема мера ја олеснува доставата до нашите други фабрики и клиенти.”, истакна Лудгер Шенкер од „Маркарт“.
Градбата ќе започне во март 2014та, а се очекува фабриката да започне со производство во првиот квартал од 2015та година. Оваа инвестиција ќе има исклучително позитивен ефект не само во општина Велес туку и пошироко во Велешкиот регион. Со оваа инвестиција покрај повеќе од 500 нови директни работни места ќе се обезбедат и голем број на нови индиректни работни места поврзани со логистички, услужни и други потреби на компанијата во текот на нејзиното производство.
Германската комапнијата “Marquardt GmbH” е брзо растечки и глобално познат добавувач во автомобилската индустрија. Компанијата се одликува со врвна технологија за производство на електронски кола, прекинувачи, контролни уреди, мехатронски уреди, и електронски делови за врвни автомобилски брендови, како електронски клучеви, контролни табли на управувачи и централна конзола за врати и прозорци, итн. “МАРКАРТ ГмбХ” има годишен обрт од над 700 милиони евра, вкупно 6500 вработени ширум светот и производни локации во Германија, Романија, Тунис, Кина, Индија, Мексико, САД, Франција, и Швајцарија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


