| четврток, 6 декември 2018 |

Тројца заболени од свински грип во Македонија

Институтот за јавно здравје активно ја следи состојбата во сезоната на грип и досега има лабораториско следење на 12 примероци од кои 6 биле од Тетово. Во Македонија од грип заболуваат 60 лица неделно, односно од почетокот на сезоната до денес грип е дијагностициран кај 432 лица

grip

Тројца тетовци се заболени од свински грип сезонава во Македонија, соопштија од Институтот за јавно здравје. Станува збор за лица со лесна клиничка слика на возраст од 13 години со симптоми исти како кај обичниот грип – температура и сува кашлица.

Институтот за јавно здравје активно ја следи состојбата во сезоната на грип и досега има лабораториско следење на 12 примероци од кои 6 биле од Тетово. Во Македонија од грип заболуваат 60 лица неделно, односно од почетокот на сезоната до денес грип е дијагностициран кај 432 лица.

Најголем дел од пациентите се од Скопје, Струмица, Тетово и од Куманово.

Од Институтот апелираат дека станува збор за заразна болест предизвикана од вирус поради што е потребна внимателност и следење на препораките. Грипот се шири преку воздух и прав, во затворени простории, преку контакт со заболениот или поради нехигиена. Надлежните апелираат болните да не одат на работа или во училиште поради тоа што може да се јават сериозни компликации, поради кои има настанато и смрт.

Освен тоа, потребно е редовно миење на рацете, често проветрување на затворените простории и избегнување контакт со лица заболени од грип.

Најголем дел од пациентите заболени од грип се лица над 18 години, а според досегашните податоци најголем морбитет има кај деца до 5 години.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top