Беким Фазлиу, од ДПА, поранешен кандидат за градоначалник на Скопје вчера во Собранието им подари пластично чеканче – токмак на пратениците на ДУИ.
Вандализирањето на споменикот на цар Душан на Мостот на цивилизациите, тој го нарече акција „Токмак“. Функционери на ДУИ во саботата го следеа кршењето на споменикот од страна на Африм Гаши и уште неколкумина.
– И кога има раздор во јавноста, кога има скандал, тие не прават ништо, туку манипулираат за да добијат политички поени. Со скандалите што ги прават самите организираат акции, како што беше и акцијата „Токмак“ за уривање на споменикот на цар Душан. Но, господ е голем! Ние бевме сведоци на акцијата „Токмак“, и сега сме сведоци на манипулација на јавноста од страна на ДУИ. Ермира Мехмети, претседател на Комитетот за односи меѓу заедниците, беше да ја гледа акцијата, но не најде време да свика седница на Комитетот каде што ќе се зборува за тоа – рече Фазлиу.
– Кога демонстрантите го урнаа споменикот на Ленин во Киев, тогаш тоа го нарековме борба за демократија, не знам зошто ова се толкува како вандализам, веројатно затоа што толкувањата се етнички ориентирани, не се принципиелни. Се бориме за демократија во која не може да се поставуваат споменици на арбитрарен начин, кои провоцираат и повикуваат на конфликти. Дали мислите дека некој се гордее што функционери на ДУИ на свој грб ги плаќаат цените на нивниот кредибилитет. Мислите дека е лесно некој да ве нарекува вандали и насилници во јавноста. Цената не е мала, цената не е ниска, напротив, цената е иднината на Република Македонија. Ние веруваме во таа иднина и затоа сме подготвени врз наш грб да ги плаќаме тие големи цени – му одговори пратеничката Ермира Мехмети од ДУИ, која го следеше уривањето на споменикот.
Таа додаде дека ДУИ нема да одговори кој го уривал споменикот сѐ додека не биде запознаена јавноста кој го поставил и го нарачал.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.