| четврток, 6 декември 2018 |

Џамлиите забранети во Македонија

Децата веќе нема од најрана возраст да знаат што е шлајка, ниту, пак, што е коњак во играта со џамлии бидејќи во земјава е забранета продажбата на џамлии. Според стандардите за безбедност на детски играчки, џамлиите не се безбедни бидејќи постои опасност од тоа децата да ги проголтаат.

– Овие производи не го поминуваат тестот на безбедноста бидејќи се помали од 31 мм, најмалата дозволена мерка за делче од играчка. Најголем дел од увозниците на играчки веќе знаат, па џамлии не можете да најдете во големите продавници за играчки – појаснува Фатмир Шехи, инспектор од Државниот пазарен инспекторат.

Во последната координирана акција на Државниот пазарен инспекторат, санитарниот и инспекторатот за труд само инспекторот Шехи издал решение за повлекување на 4 производи што се небезбедни и еден ќе го предложи за испитување на Санитарниот инспекторат поради тешката и силна миризба на лимон.

– Проблемот кај нас е што немаме соодветна лабораториска контрола на физичкиот и механичкиот состав на играчките каде што ќе може да се испита секој поединечен дел, дали постои опасност од откачување, со колкава сила може тоа да се направи и за колку време – вели Шехи.

Играчките што се повлечени содржат елементи помали од 31 мм и покрај тоа што имаат ознака и декларација со која се гарантира дека се безбедни. Производите се несообразни доколку немаат целосна документација, односно CE ознака, што не
значи дека таа ознака е ставена според вистинита проверка за безбедност, предупредува инспекторот.

Повеќе на Телеграф

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top