| четврток, 6 декември 2018 |

Поезија од Иван Антоновски вечерва во КИЦ

Во организација на Културно информативниот центар – Скопје, вечерва, во салонот „19:19“, со почеток во 19 часот и 19 минути ќе се одржи книжевна вечер со Иван Антоновски. Повод за одржување на овој настан на кој ќе биде претставено севкупното досегашно творештво на Антоновски како поет, есеист, публицист, антологичар, книжевен критичар и преведувач се многубројните негови успеси во изминатиот период.

 Неговата најнова стихозбирка „Крикови од неископан гроб“, по само четири месеци од првото претставување пред читателската публика, доживеа и второ издание, а неодамна, од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на Антоновски му беше доделена и наградата „26 јули – Франк Манинг“ за најдобар студент во завршна година на студии. Годинава, делови од неговото поетско творештво беа препеани на повеќе странски јазици и поместени во неколку меѓународни поетски антологии и зборници, по што овој млад македонски автор беше и учесник на неколку значајни книжевни манифестации надвор од Република Македонија. Истовремено, во повеќе домашни и странски научни списанија беа објавени и неколку негови стручни и  научни трудови кои покажуваат дека Иван Антоновски е  вонсериски зналец кој решил своите способности да ги искористи за унапредување на македонската наука за книжевноста, но и на контекстуализирање со светските литератрннонаучни текови.

На книжевната вечер, за Антоновски и неговите досегашни остварувања во книжевноста ќе говорат: проф. д-р Венко Андоновски, проф. д-р Кристина Николовска и Душко Крстевски. Делови од творештвото на овој млад автор ќе чита атерката Зорица Панчиќ, а музичката програма ќе биде во изведба на „Пламенка Трајковска – квартет“.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top