Нека не ве залажува истоимениот грчки град што се наоѓа покрај Коринтскиот Залив. Нирваната се доживува во помалото туристичко место наречено Лутраки во Егејска Македонија. Со околу 2.000 жители, ова живописно село со уникатна околина и со безброј природни водопади се наоѓа на помалку од 100 километри од граничниот премин „Меџитлија“.
Овој бисер на природата е лоциран во подножјето на планинските предели што изобилуваат со природни убавини и со бујна вегетација, опкружен е со голем број манастири, потоци и со многу места совршени за прошетка и за планинско пешачење.

Иако топлите бањи со температура на водата од 37 до 38 Целзиусови степени се посетени во текот на целата година, најголемиот благодат за вашето тело се постигнува токму кога температурата на воздухот е пониска. Затоа и ова мало место и лековитата вода на термалните извори се наоѓаат меѓу најпопуларните понуди во македонските, но и во сите балкански туристички агенции.

Со своите минерални лековити извори, Лутраки е познато уште од времето на Александар Македонски.
Течењето на топлите и на студените води заедно со богатството со флора му дава на овој регион уникатна убавина уште од далечната 1920 година, кога за првпат е прогласен за природна бања.
Водите се лековити и се препорачуваат за болни од ревма, ишијас, бронхит, нервоза, дерматолошки и гинеколошки проблеми, како и циркулативни и респираторни нарушувања.

Овде посетителот може да ги комбинира минералната топла вода во базените со планинарењето, посетата на уникатната пештера или со скијањето на планината Ворас (Кајмакча-лан).
Природната изворска термална вода, исто така, се пакува и се продава во цела Грција. Па така, покрај капењето во топлите бањи, чудотворноста на лековитата вода може да се искористи и со нејзино консумирање.
Ефектот од пиењето на изворската вода е повеќедимензионален бидејќи таа содржи еле-менти што им годат на сите органи и ткива. Преку магнезиумот што го содржи, се предизвикува и релаксација на мазните мускулни влакна, а со тоа доаѓа и до намалување на крвниот притисок, се решаваат проблемите со зголеменото мокрење, а се олеснува и кр-шењето камен или песок во жолчката и во бубрезите.

Лековитите својства на водата може да се искористат и преку терапијата со кал. Комбинацијата на кал со хидротерапијата моментно ја намалува зглобната и мускулна болка, ја зголемува лимфната циркулацијата и го забрзува работењето на метаболизмот.
Ефектите на калта се вистински мевлем за кожата, посебно за тие што имаат проблеми со дегенеративниот артритис, ревматизмот и со посттрауматските деформации.

Од 1992 година туризмот значително се развива, па денес, 20 години подоцна, Лутраки изобилува со голем број хотели и апартмани, кои само придонесуваат за целосно доживување и користење на ова несекојдневно рајско парче на земјата.
Меѓу другото, за поскептичните и не дотолку вљубеници на природата, во Лутраки има и голем број ресторани, продавници и кафетерии.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Расистички скандал во Грција: Коментатор нарече црномурест играч „мајмун“
-
Нова демократија: Владата се наоѓа во распаѓање поради Договорот од Преспа
-
Воружен инцидент на границата со Грција: Војници на АРМ отвориле оган во обид да спречат поголема група мигранти да влезат на македонска територија!
-
УНХЦР: Расте бројот на мигранти и бегалци кои од Турција доаѓаат во Грција


