| четврток, 6 декември 2018 |

Бунтуваа за скопската, поставија вртелешка во Струмица

vrteleska

На градскиот плоштад „Гоце Делчев“ во општина Струмица, чиј градоначалник е претседателот на СДСМ, Зоран Заев, вчера беше поставена вртелешка како дел од забавата за најмладите.

Поставувањето на вртелешката на градскиот плоштад во Струмица ќе беше нормално и очекувано, само ако при поставувањето на слична таква вртелешка во Скопје опозицијата не реагираше жестоко и не се противеше. Против поставувањето на вртелешката во центарот на Скопје беа голем број високи партиски функционери на СДСМ, градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, како и невладината „Плоштад Слобода“, која важи за организација која е блиска до ставовите на СДСМ – објави Курир.

Заменик-претседателот на СДСМ, Радмила Шеќеринска, и градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, на заедничка прес-конференција пред новата вртелешка, остро го критикуваа поставувањето на истата. Тие тогаш изјавија:

Овој рингишпил зад нас не е синоним на модерна, урбана општина, туку синоним на панаѓур“ –  рече Жерновски. 

Радмила Шекеринска, говорејќи пред новиот рингишпил во Скопје, рече дека зад нив стојат пари на граѓаните, кои се фрлени во ветер.

„Власта не сака да го прифати поразот во централната општина, која многу им значи поради овој погубен проект“ – изјави Шекеринска.

Кон сите овие критики и противења на опозицијата, тогаш се приклучи и доскорашниот претседател на СДММ, Дарко Давитковски, кој во својата колумна за еден портал напиша:

„Владата бесмислено и неразумно се расфрла со скапи играчки, а има деца кои се оставени на немилост на државата“.

Кон критиките се приклучи и добропознатата невладина организација „Плоштад Слобода“, која на македонската јавност ѝ е позната по тоа што многу пати досега се јавува како организатор на протести против проектот „Скопје 2014“.  Тогаш, „Плоштад Слобода“ во јавноста излезе со официјално барање до градоначалникот на Центар да ја отстрани вртелешката и да го стопира целиот проект.

Оттука, нејасно е зошто сите критичари од опозицијата, таканаречените експерти и архитекти, како и невладините организации, кога се поставуваше вртелешката во Скопје жестоко напаѓаа и критикуваа, а за вчерашното поставување на вртелешката на плоштадот во Струмица сите молчат?

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top