Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ од следната година воведува неколку новини. Од 2014 година се менува и датумот на одржување и ќе се случува од 27 до 29 мај. Организатор на фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“ е издавачката куќа „Икона“.
Од 2014 година фестивалот ќе го следи трендот на светските литературни фестивали и со воведување на програмата фелоушип, кој ќе биде посветен на странските издавачи, директори и програмски менаџери на фестивали и литературни агенти. Вакви и слични програми имаат голем дел од фестивалите во Европа, а Македонија е една од ретките земји без фелоушип програма посветена на овој профил гости.
– Учесниците се веќе договорени, па можеме да кажеме дека на првото издание на фелоушип програмaта, која ќе се случува во рамките на фестивалот, ќе угостиме двајца претставници на престижни издавачки куќи од Европа и еден директор на интернационален литературен фестивал. Целта на фелоушип-програмата е важните имиња од познатите фестивали и од светот на издаваштвото да ги запознаеме со македонската книжевна сцена, од што, се надеваме, ќе произлезат нови преводи, гостување на писатели од Македонија во странство, промоција на литературата од Македонија, вмрежување на писателите и културните работници од сферата на издаваштвото и книжевноста со колегите од Европа и од светот… – велат од тимот на фестивалот.
Директорот на фестивалот, Дејан Трајкоски, гостуваше на најголемиот литературен фестивал во Турција и регионот, Танпинар, каде што договори соработка меѓу двата фестивали.
За 2014 година договорот ќе подразбира размена на автори. Како резултат на таа соработка Македонија во Истанбул ќе ја претставува македонски писател, а на „ПРО-ЗА Балкан“ ќе гостува турски писател.
На меѓународно поле фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“ периодов го претставуваа и уметничкиот директор, проф. д-р Александар Прокопиев, и членот на уметничкиот совет, проф. д-р Ермис Лафазановски. На Саемот на книга во Белград тие остварија повеќе средби со писатели и договорија гостување на специјалниот гостин, кој во 2014 година ќе дојде од Србија. Се работи за светски познат автор кој примарно се занимава со друга уметност, но пишува и проза. Со тоа, фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“ од 2014 година ќе се обидува да ја промовира интердисциплинарноста во уметноста.
– Бидејќи ветивме дека првото издание на фестивалот ќе служи како платформа за понатамошен развој, од 2014 година фестивалот „со пет ѕвезди” ќе биде фестивал со шест писателски имиња. На писателите од Балканот ќе им се приклучува по еден виден писател од Македонија, кој ќе биде претставуван заедно со нив. Писателот од Македонија ќе го одбира селектор со едногодишен мандат, а кој ќе доаѓа од редовите на најистакнатите писатели од Македонија – додаваат од „ПРО-ЗА Балкан“.
Уште една новина е што од Одборот за доделување на наградата „Прозарт“ станува меѓународен. Од оваа година за наградата ќе одлучува и првиот лауреат на „Прозарт“, српскиот писател Владислав Бајац.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.