Американската влада вчера ги продаде последните акции што ги има во најголемата автомобилска компанија „Џенерал моторс“, и тоа со загуба од 10,5 милијарди долари.
Претседателот Барак Обама спроведе план за спас на автомобилските компании „Џенерал моторс“, „Крајслер“ и во помала мера, „Форд“. Владата им позајми 49,5 милијарди долари на ЏМ и 12,5 милијарди на „Крајслер“, кои се соочуваа со банкрот, пред сѐ, поради екстремно високите трошоци за пензионираните работници. Владата ги продаде своите акции во „Крајслер“ во 2011 година, со загуба од 1,3 милијарда долари. Постепената продажба на акциите во „Џенерал моторс“ заврши вчера, а вкупната загуба за властите во Вашингтон е дури 10,5 милијади долари.
На почетокот на проектот за спас на Детроит, Владата поседуваше дури 60 проценти од акциите во „Џенерал моторс“.
– Со последната продажба на акциите на „Џенерал моторс“, ова важно поглавје во нашата историја е затворено – изјави вчера директорот на ЏМ, Ден Акерсон.
Во време кога Владата беше голем акционер во „Џенерал моторс“ и во „Крајслер“, компаниите беа соочени со забрана да исплаќаат дивиденди на дел од своите акции и, како мерка насочена кон расположението на јавноста – кратење на платите на највисоките менаџери. Една од мерките на државната управа со „Џенерал Моторс“ беше и производството на новиот електричен автомобил на „Џенерал моторс“ – „шевролет волт“.
Претседателот Обама го смета финансирањето на автомобилските компании за голем успех на неговата администрација, велејќи дека ја спасил индустријата. Претседателот тврди дека спасил 1,2 милион работни места.
Републиканската опозиција тврдеше дека компаниите се неефикасни и претоварени со непотребни работници, и дека финансиската помош од Владата само ги одложила неопходните реформи. Сепак, финансиската инекција за автомобилските гиганти не го спаси нивното седиште – градот Детроит. Метрополата, која веќе со децении опаѓа поради бегството на автомобилската индустрија, годинава банкротираше со долг од над 18 милијарди долари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.