Американецот, Том Вагнер, поминал повеќе часови, заклучен во затеменет и потполно празен авион, откако по атерирањето на аеродромот во Хјустон, екипажот заборавил на него.
Вагнер летал од Луизијана, преку Хјустон за Калифорнија, каде постојано живее, но во текот на летот заспал во своето седиште. Кога по извесно време се разбудил, забележал дека авионот е на земјата и дека во него нема ниту патници, ниту членови на екипажот.
Кога се обидел да излезе, утврдил дека сите врати се заклучени и дека тој е сам и заробен во авионот.
– Бев шокиран кога се разбудив во темнината, затоа што не знаев што се случува – им изјавил Вагнер на новинарите.
Тој раскажува дека кога ја побарал својата девојка по мобилен телефон, за да и каже што му се случило и да побара помош, таа не му верувала.
– Ме обвини дека само барам изговор за да го оправдам задоцнетото враќање дома, вели Вагнер. Таа, сепак, се јавила кај управата на аеродромот „Буш“ во Хјустон, по што заробениот патник во авионот на авионската компанија „Јунајтед Ерлајнс“ бил ослободен.
Аеродромските власти и управата за цивилен сообраќај најавија истрага за овој инцидент.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


