| четврток, 6 декември 2018 |

Најмалку 21 лице загинаа во бомбашки напади во Ирак

Во експлозија на автомобил-бомба пред едно кафуле и во други напади во централниот дел на Ирак денеска загинаа повеќе од 21 луѓе, а десетици се повредени.

Најсмртоносен бил нападот кој се случил пред кафуле во градот Бухриз, кој е главно населен со сунити, каде при експлозија на автомобил-бомба загинале 12 лица, а 24 биле повредени, соопшти ирачката полиција.

Ова е најновиот од серијата бомбашки напади извршени врз угостителски објекти во Ирак.

Бомба поставена на пат експлодирала додека минувала воена патрола јужно од Багдад, при што бил убиен еден, а повредени двајца војници.

Во експлозија на пазар во багдатскиот кварт Басмаја загинаа три лица, а повредени беа седуммина, додека во едно село северно од Багдад тројца полицајци беа убиени, а 10 повредени, кога автомобил-бомба експлодирал во близина на контролен пункт.

Во југозападните делови на главниот град, експлодирала бомба поставена покрај пат додека со автомобил минувале припадници на сунитската полиција „Сахуа“, која се бори против Ал Каеда.

Досега никој нема преземено одговорност за денешните напади.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top